ДАЛИ ЈА ИЗГУБИВМЕ СОВЕСТА ИЛИ ОДГОВОРНОСТА
Трифун Костовски
Почитувани читатели,
Мојата битка за вистината околу стечајот на Еуростандард банка нема да престане додека не добијам јасни одговори на прашањата, на коишто шест години не добив одговор. Додека прашањата остануваат отворени, нема да ја затворам портата на правдата. Сомнежот, дека стечајот можел да се избегне, кај мене станува сè посилен, не затоа што сакам однапред да прогласам некого за виновен, туку затоа што фактите што излегуваат на виделина бараат сè посериозно институционално објаснување.

Незрелоста на системот здоболува. На институциите им е полесно да бараат одговорност од граѓаните отколку да ја преиспитуваат сопствената. Народната банка, ОЈО ГОКК и кривичниот суд се три различни институции, но сите се поврзани во истата приказна.
На 5 јуни 2026 година беше запрен конкретниот дел од постапката што се однесуваше на перење пари. Еден месец подоцна ОЈО ГОКК сепак поднесе обвинителен акт против три лица и обвинителен предлог против мене за друго кривично дело. Потоа следеше уште еден важен момент. Специјализираното одделение за организиран криминал и корупција се огласи за стварно ненадлежно за преостанатите дела и предметот го упати кон редовниот Оддел за полнолетни. Тоа не значи дека обвинението е отфрлено, но отвора сосема легитимно прашање. Ако преостанатите дела не припаѓаат во стварната надлежност на Специјализираното одделение, која била точната правна основа предметот по запирањето на AML, сегментот и понатаму да се води во рамките на ОЈО ГОКК?
Шест години се анализираат луѓето од Еуростандард банка, кредити, искази и вештачења. Јас и денес не гледам еднакво длабока јавна проверка на основното прашање, а тоа е, врз кои точни факти и пресметки Народна банка ја донела одлуката што го отвори патот кон стечај?
Логично е да се праша кој документ ја покажува конечната капитална состојба, која методологија била применета, кои алтернативи биле разгледани, како биле третирани докапитализацијата, новиот инвеститор и COVID-ограничувањата и зошто администрацијата не била применета ако била законски расположлива можност. Ако шест години само се испитува што направиле луѓето од банката, сосема е разумно исто толку прецизно да се испита и врз што се темелела одлуката на регулаторот.
Не ме интересира дали некој има блескава биографија, висока функција или меѓународен углед. Ме интересира неговиот потпис, документот врз кој се потпишал и последицата од тој потпис. Ниту поранешен гувернер, ниту обвинител, ниту судија, ниту јас како поранешен претседател на Надзорен одбор, не треба да бидеме над проверката. Токму тоа за мене значи правна држава.
Свесен сум дека моите колумни не создаваат убава слика за македонските институции. Токму тоа и ме боли, бидејќи целиот живот сум сакал Македонија да биде држава што ќе ја почитуваат сопствените граѓани, но и надвор ширум светот. Угледот на една држава не се чува со молчење за проблемите. Угледот се чува со способноста проблемите да се признаат и да се исправат. Мојата борба не е против Македонија. Ја водам затоа што Македонија е мојата татковина. Не сум единствениот човек што почувствувал неправда од институциите, но јас сум човек кој одлучил јавно да зборува. Првата цел ми е да го заштитам сопствениот образ од нешто што сметам дека не сум го сторил, а втората е да поттикнам кај граѓаните чувство дека кога гледаме неправда кон друг човек, не треба веднаш да се претвориме во судии без факти. На социјалните мрежи често ме нарекуваат „транзициски богаташ“, човек што капиталот го стекнал во Македонија, преку криминал или приватизација. Тоа едноставно не е мојата животна приказна. Сиот капитал го создадов работејќи надвор од Македонија, а потоа го внесував овде и инвестирав. Не барам некој да ми верува само затоа што јас така велам, но би сакал да проверат пред да ме осудат.
Еден од примерите што често ми се споменуваат е Порцеланка во Велес. Кога влегов во Порцеланка, фабриката веќе беше затворена и немаше никакво производство. Инвестиравме во модерна опрема и повторно почнавме со производство на плочки со домашни суровини. Во 2007 година, светската криза ја погоди градежната индустрија, а енергијата стана клучен проблем. Тогаш ѝ предложив на владата заедничка инвестиција во гасоводен крак кон велешката индустриска зона, со цел поевтин енергенс да користи не само фабриката Порцеланка, туку и други индустриски капацитети. Повторувам, енергенсот во производство на плочки е базичен сегмент за конкурентност на производот. Владата го одби мојот предлог со срамен став кој звучеше евтино: „зарем ќе му дозволиме на Трифун да се богати”. Затоа проблемот со затварањето на Порцеланка барајте го во владините погрешни одлуки, а не во мене. Во времето додека управувавме со фабриката, вработените беа исплаќани редовно и никој не остана без својот личен доход поради моја одлука.
Ве упатувам да стапите во контакт со последниот генерален директор на Порцеланка, господинот Џалев, кој денес живее во Велес, да ви ја каже вистината за Порцеланка. Тоа е човекот кој не можев да го одбијам во неговата молба да им помогнам на Порцеланка и велешани.
Затоа не напаѓајте и не судите човек кој вистински сакал да ви помогне!
И за ова важи истото правило, наместо митови, празни муабети и навреди, нека зборуваат документите и луѓето што биле таму сведоци.
Почитувани читатели, совеста не е правна категорија, но без неа нема правда. Законот може да пропише постапка, судот може да донесе пресуда, обвинителот може да поднесе обвинение, но зад секој акт стои човек. Секој човек треба еден ден да може да се погледне во огледало и да каже дека постапил чесно.
Затоа пред да осудиме човек, да ги побараме фактите. Пред да поверуваме во институција, да го побараме документот. А пред да премолчиме неправда, да се запрашаме дали би молчеле ако утре таа неправда дојде пред нашата врата.
Државата може да погреши, човекот може да погреши, но најопасно е кога сите ја гледаат грешката, а никој нема совест да ја исправи.
Јас продолжувам.






