ФОТО: Се пребарува реката Вардар по пријава за исчезнато лице
Специјализирани тимови на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) започнаа интензивна акција за пребарување на коритото на реката Вардар на подрачјето на Гостивар, по официјално барање од Полициската станица Гостивар за пронаоѓање на исчезнато лице.

Според првичните информации и индиции, се сомнева дека лицето се наоѓа во водите на реката.
Операцијата на терен се одвива под директно водство на заменикот-директор на ДЗС, Кашмир Салиу.
Во акцијата се вклучени припадниците на Тимот за брз одговор (ТБО) за спасување на води, поддржани со логистика од Подрачното одделение на ДЗС – Гостивар.
Теренските екипи работат во тесна координација со полициските службеници од ОВР Гостивар и локалните служби, а пребарувањето се одвива по текот на Вардар, од критичните точки во градот па сè до низводните подрачја.
Од ДЗС истакнуваат дека и покрај спецификите на речното корито и условите на теренот, спасувачите ќе останат максимално ангажирани сè до завршување на операцијата.
Дирекцијата за заштита и спасување упати апел до сите граѓани на Гостивар и околните населени места, доколку располагаат со информации за исчезнатото лице или забележат нешто долж реката, веднаш да ги контактираат дежурните броеви во полицијата или надлежните служби.
Од институцијата најавија дека јавноста и медиумите ќе бидат навремено информирани за сите нови сознанија од теренот.






