Србија: Приведени пет лица под сомнение дека планирале насилство во Белград на изборниот ден

Пет лица се уапсени во Нови Сад под сомнение дека планирале насилство и немири во Белград на денот на предвремените парламентарни избори на 25 октомври, објави српскиот јавен радиодифузен сервис РТС, пренесувајќи соопштение на надлежните органи.
Акцијата била спроведена по наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград, во координација со Вишото јавно обвинителство во Нови Сад и со учество на припадници на Агенцијата за безбедност и информирање (БИА). Според обвинителството, осомничените подготвувале мобилни групи што требало да дојдат во престолнината и да учествуваат во насилни дејствија за време на гласањето в недела.
Обвинителството наведува дека „осомничениот М. В. требало да командува со група од околу 40 лица, а со приклучувањето кон други групи бројот требало да се зголеми на меѓу 80 и 90 лица“. Осомничените се товарат за кривични дела поврзани со подготовка на дејствија против уставниот поредок и безбедноста на Србија, како и за повикување на насилна промена на уставниот поредок, при што им е одредено задржување во притвор до 48 часа.
Според српски медиуми, М. В., кој денеска беше уапсен во Нови Сад, како и М. А., уапсен во Врњачка Бања под сомнение за организирање немири на изборниот ден, поседуваат хрватски пасоши и државјанство на Република Хрватска, но засега не е познато дали имаат и српско државјанство.






