Промоција на книгата „Ина“ од Весна Мојсова-Чепишевска

Книгата за деца „Ина“ од Весна Мојсова-Чепишевска, со илустрации на Иванка НиБа и во издание на „Светулка“, ќе биде промовирана на денеска во „Лабораториум“ во Скопје. За книгата ќе говори Ана Јовковска, а во програмата ќе настапат и децата од „Доза среќа“.

Обликувана како дневник, книгата ја следи првата училишна недела на главниот лик Ина, која од понеделник до недела раскажува за своите другарства, семејството и чувствата со кои се соочува. Преку нејзините доживувања, младите читатели можат да препознаат дел од сопствените искуства, додека возрасните добиваат можност подобро да го разберат детскиот свет.

Посебност на изданието е што на последните страници им остава простор на децата самите да пишуваат, цртаат и создаваат колажи, овозможувајќи секој примерок да стане единствен и дополнет со лични приказни и спомени.

Во критичкиот осврт за книгата, Иван Антоновски ја оценува „Ина“ како „книгата што ни недостигаше“, издвојувајќи ги убедливиот детски глас, внимателно осмислената композиција и успешното надополнување меѓу текстот и илустрациите.

За илустрациите на Иванка НиБа, Марко Трпевски посочува дека тие се водени од детската игра и фантазија, при што визуелниот израз успева истовремено да ги долови и училишната несигурност и топлината на семејниот амбиент.

Весна Мојсова-Чепишевска е долгогодишна истражувачка и афирматорка на книжевноста за деца и авторка на повеќе дела од оваа област, а со „Ина“ првпат се претставува со сопствена книжевна приказна за најмладите читатели

Back to top button
Close