До 10 часот гласал секој петти Србин – и натаму голема излезност на избирачките места

Речиси секој петти гласач во Србија го искористил своето избирачко право до 10 часот утрово, покажуваат најновите проценки на организацијата ЦРТА. Излезноста на денешните предвремени парламентарни избори е повеќе од двојно повисока во споредба со истиот период на изборите во 2023 година.

Според ЦРТА, до 10 часот гласале 19,8 проценти од избирачите, со маргина на грешка од плус или минус 0,6 процентни поени. На претходните парламентарни избори, одржани во декември 2023 година, излезноста во истиот период изнесувала 9,8 проценти.

Податоците покажуваат разлика од точно десет процентни поени, што укажува на значително поголема мобилизација на гласачите во првите три часа од изборниот ден.

Зголемениот интерес за гласање беше забележлив уште од отворањето на избирачките места во 7 часот, кога во повеќе градови низ Србија се формираа долги редици. Граѓани чекаа пред избирачките места и во Ниш, каде што беа забележани големи гужви.

Претходно, според проценките на ИПСОС и ЦЕСИД, до 9 часот гласале 12 проценти од избирачите, додека на парламентарните избори во 2023 година во истиот период излезноста изнесувала 5,2 проценти.

Слична излезност во првите два часа била забележана и на изборите во 2020 и 2022 година, кога, според податоците на ЦЕСИД, таа се движела околу пет проценти.

Денешните избори во Србија се одржуваат во услови на голем политички интерес, а во центарот на изборната трка се листата предводена од Александар Вучиќ и студентската листа, произлезена од протестното движење.

Иако првите проценки покажуваат значително поголем одѕив отколку на претходните избори, тие не укажуваат на тоа како се распределени гласовите меѓу изборните листи.

Back to top button
Close