Газда Деко предложен за сведок на судењето за деветтемина полицајци обвинети за „Пулс“
Сопственикот на дивата дискотека „Пулс“, Дејан Јованов – Деко кој е обвинет во големиот предмет за кочанската трагедија, е меѓу сведоците што ги предложи одбраната на еден од деветтемина полицајци на кои им се суди за злоупотреби поврзани со дискотеката во којашто се случи кочанската трагедија.

Одбраната предложи изведување на повеќе материјални докази, како и распит на осум сведоци, меѓу кои и Јованов. Според предлогот, сведокот треба да се изјасни за околностите дали се стекнал со противправна имотна корист и дали имал контакти и се познавал со обвинетиот Боби Гидиоски, кој бил началник на СВР Штип, јавува МИА.
– Како бранител на обвинетиот Боби Гидиоски имаме предложено многу докази, од кои материјални и вербални докази. Од материјалните предложивме околу 16 документи, додека од вербалните осум сведоци, меѓу кои е и Дејан Јованов – Деко, сопственик на дискотеката „Пулс“. Го предлагаме на околности затоа што застапникот на обвинението тврди дека обвинетите му дозволиле на Деко да стекне имотна корист која се изразува во плата која ја земал како вработен за шест месеци, па на таа околност бараме да биде сослушан, дали тоа му е овозможено од обвинетите – изјави Бранко Колев, адвокат на Гидиоски.
Тој тврди дека проблемската информација за нерегуларностите во „Пулс“ била скриена од обвинетиот поранешен началник, а тоа ќе го докажуваат со документи од СВР Штип.
Јавната обвинителка Спасенка Андонова, застапник на обвинението, најави дека на следното рочиште ќе се произнесе одделно по секој од предлозите на одбраната, а судот донесе решение главната расправа да продолжи утре во 12 часот.
Деветтемина полицајци се обвинети дека злоупотребиле службена положба така што во текот на 2022 и 2023 година незаконски издале согласности за да овозможат лиценца за работа на дискотеката „Пулс“ во Кочани.






