Општина Гостивар бара користење „Гугл мапс“ за поефикасно решавање на предметите за легализација на дивоградби

– Гостиварската локална самоуправа бара користење „Гугл мапс“ за поефикасно решавање на предметите за легализирање на бесправно изградените објекти. Со увидот преку оваа интернет алатка најлесно ќе се утврди дали и кога некој објект бил изграден.

Според првиот човек на општина Гостивар, Арбен Таравари со помош на архивата на „Гугл мапс“ би се избегнале и злоупотребите на изјавите на сопствениците во кои ја наведуваат датата на изградба. Тој бара и се надева дека новата Влада ќе овозможи оваа форма да биде во новиот закон за легализација.

– Кога го презедовме раководењето со општина на процесот за легализација му пријдовме многу амбициозно, но заради капацитетите успевавме да легализираме близу 900 објекти годишно. На самиот почеток сакавме да користиме „Гугл мапс“ како би утврдиле дали некој објект постоел или бил изграден во перидот кој е наведен во законот, односно дали некој објект постоел пред 2011 година. Се соочивме со силен отпор од централната власт, сопствениците и инвеститорите. Но, колку што сум информиран оваа алатка ќе биде критериум, па најверојатно ќе се користи и ќе биде дел од новиот закон, вели Таравари.

Според него, на ваков начин ќе се избегнат злоупотребите на изјавите на сопствениците во кои наведуваат која година е изграден некој објект и на објективен начин тоа ќе се утврди. Голема корист од снимките ќе имаат комисиите и органите кои се задолжени за легализација. Таравари смета дека на таков начин ќе се носат објективни и правични решенија.

Изминативе три години, администрацијата позитивно одговорила на барањата за 1812 објекти. За утврдувањето на точноста на податоците кои се во поднесоците за легализација се ангажирани три тима. Според динамиката, овие три години во гостиварската општина се легализирале по 70 објекти во еден месец.

За да се овозможи прием на поголем број барања и да им се помогне на иселениците, општинските власти пред истекот на рокот ги отворија шалтерите, па дури и работеа во две смени. Тоа во извесна мера им помогна на граѓаните, бидејќи се соочуваа со долги рокови за издавње на документи.

За девет години во општина Гостивар се поднесени 15591 барања за легализирање на дивоградби. Позитивно се решени 6281 предмет и објектите можеа да бидат впишани во имотен лист. Поради нецелосна документација одбиени се 3445 предмети, а останатите 5865 објекти се во фаза на разгледување или ќе почекаат на новиот закон и рок за легализација.

Таравари тврди дека за време на неговиот мандат за раководење со општината, во Гостивар нема градење без одобренија, дозволи и останатите документи. Затоа вели и нема регистрирани дивоградби. Тоа го потврдува и со фактот дека надлежните урбанистички служби не донеле решенија за уривање на бесправно изградени обејкти.

Тој е против уривање, пред сé на објектите за домување и колективните згради кои не ги исполнуваат критериумите за легализирање и биле изградени во минатото. Смета дека постои начин да се избегне и верува дека тоа ќе се постигне ново законско решение. Како можно го посочува новиот предлог закон кој наскоро треба да биде се најде пред пратениците.

 

Back to top button
Close