Бугарите денеска избираат претседател: Во трката Илијана Јотова и поранешниот премиер Андреј Ѓуров

Во Бугарија денеска се одржува вториот круг од претседателските избори, на кои граѓаните избираат меѓу Илијана Јотова, вршителка на должноста претседателка на Бугарија, и Андреј Ѓуров, поранешен привремен премиер и некогашен гувернер на Бугарската народна банка.
Во првиот круг, одржан пред една недела, ниту еден од 27-те кандидати не освои доволно гласови за победа, пренесува БТА.
Право на глас имаат речиси 6,6 милиони граѓани, а според податоците на Централната изборна комисија, избирачките места ќе бидат отворени од 7 до 20 часот. Вкупно се определени 9.373 избирачки места.
Граѓаните истовремено ќе гласаат и за потпретседател на Бугарија.
Кандидат на Илијана Јотова за оваа функција е Кирил Валчев, а нивната кандидатура ја поддржуваат владејачката партија „Прогресивна Бугарија“ и Социјалистичката партија.
Андреј Ѓуров за потпретседател го кандидираше Георги Кандев, со поддршка од прозападните опозициски сили.
Централната изборна комисија треба да ги објави конечните резултати од претседателските и потпретседателските избори во рок од три дена по завршувањето на гласањето, објави Скопје1.мк






