ОН бараат истрага за смртта на вработен кој бил во притвор кај Хутите

Вработен во Обединетите нации, кој се занимавал со човекови права, а бил држен во притвор од јеменските бунтовници Хути уште од јуни 2024 година, починал додека бил во притвор, сооопштија ОН синоќа, барајќи спроведување независна истрага за неговата смрт, пренесува ДПА.

Високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Тирк, ја опиша смртта на Мохамед Ел Шами, јеменски државјанин кој работел за Канцеларијата на ОН за човекови права, како „апсолутно поразителна“.

Ел Шами починал пред повеќе од еден месец, но неговото семејство било известено за смртта дури неодамна, според информациите што роднините му ги доставиле на ОН.

„Семејството на Мохамед не доби никакво објаснување за причината или околностите на неговата смрт, тие заслужуваат да ја дознаат вистината“, изјави Тирк.

Тој побара целосна транспарентност од властите на Хутите, како и итна, независна истрага, која би вклучила и пристап до медицинската документација и евиденцијата од притворот, пренесува германската агенција.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, е згрозен од настанот и ја осуди смртта, изјави неговиот портпарол Стефан Дужарик.

„Околностите околу оваа ужасна трагедија остануваат нејасни“, рече Дужарик.

Тој додаде дека, од моментот на неговото притворање, властите на Хутите не дале никакви информации за неговата состојба, ниту пак доказ дека е жив, и покрај постојаните барања од страна на ОН.

Ова е втор случај на смрт на вработен во ОН кој бил во притвор кај Хутите; претходно, во февруари 2025 година, почина вработен во Светската програма за храна.

„Ова е болен потсетник за сериозните ризици со кои се соочуваат сите вработени во ОН и хуманитарниот персонал, кои и понатаму се произволно држени во притвор – некои од нив со години. Нивното континуирано задржување во притвор е неприфатливо и предизвикува огромно страдање за нив и за нивните семејства“, рече Дужарик.

„Генералниот секретар потсетува дека со сите лица на кои им е одземена слободата мора да се постапува хумано, со почитување на нивното вродено достоинство и човекови права. Властите кои ги држат овие лица во притвор ја имаат целосната одговорност за нивната заштита, безбедност, пристап до медицинска нега, како и за нивната физичка и психолошка благосостојба“, додаде портпаролот на генсекот на ОН

Гутереш останува „длабоко загрижен за безбедноста и за физичката и психолошката благосостојба“ на 70-те припадници на персоналот на Обединетите нации, петмина поранешни вработени во ОН, како и припадници на хуманитарни организации и организации на граѓанското општество, кои сè уште се во притвор.

„Тој повторно повикува на нивно итно и безусловно ослободување“, изјави Дужарик.

Саудискиот медиум „Ал Арабија“ пренесе изјава на еден министер од јеменската влада, според која Ел Шами бил измачуван до смрт во затвор на Хутите. Ова тврдење не е независно потврдено, а во изјавата на Тирк не се наведува причината за смртта.

Член на семејството, кој разговарал со агенцијата ДПА, изјави дека на притворениот му биле оневозможени посети или контакт со роднините уште од моментот на неговото притворање.

Тирк, исто така, изрази загриженост за други припадници на персоналот на ОН кои сè уште се во рацете на Хутите, меѓу кои и седум вработени во неговата канцеларија, и побара нивно итно ослободување.

Бунтовниците, кои имаат поддршка од Иран, обично ги оправдуваат ваквите притворања обвинувајќи ги приведените лица за шпионажа во корист на САД или Израел.

Граѓанската војна во Јемен започна во 2014 година, кога Хутите го зазедоа главниот град Сана и големи делови од северниот дел на земјата. Во 2015 година, коалиција предводена од Саудиска Арабија започна воздушни напади врз цели на Хутите, потсетува ДПА.

Back to top button
Close