Србија – Косово: Позитивни сигнали од состанокот во Брисел

Враќајќи го дијалогот „дома“ од „излетот“ во Вашингтон, Србија и Косово во Брисел потврдија посветеност кон евроинтеграциите и дијалог под закрила на ЕУ. Отворени се можеби пресудните теми за процесот на нормализација, пишува Дојче веле.

Третата рунда на обновениот дијалог меѓу Белград и Приштина, одржана вчера во Брисел (07.09.2020), беше специфична поради неколку работи. Прво, траеше пократко од вообичаените маратонски состаноци, па преговарачите излегоа со заклучоци по само неколку часа од заедничките разговори. Друга специфичност е што заклучоците на сите три страни, во однос на поранешната какофонија, овојпат беа едногласни и позитивни.

„Најпозитивен” беше домаќинот, специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак. Тој оцени дека Белград и Приштина во целост напредувале во разговорите за раселените лица и економската соработка.

„Нашите преговори, како и обично, се интензивни и не се секогаш лесни, но преовладеа волјата на двете страни за напредок, без оглед на болните и сложени прашања за кои се разговара”, изјави Лајчак.

Косовскиот премиер Авдулах Хоти „со задоволство потврдува дека имало напредок”, додека српскиот претседател Александар Вучиќ вели дека „не е незадоволен од состанокот” и во прв план ја истакнува важноста на решавањето на економските прашања, но и договорот за усојување косовски закон за враќање на раселените.

Таков дух на едногласие, барем на зборови, со малку конкретни детали околу примената на договореното, ја надогради и заедничката изјава на Вучиќ и Хоти во која нагласуваат „највисок приоритет на ЕУ-интеграциите”, „продолжување на работата на дијалогот со кој посредува ЕУ“ и ветуваат дека ќе ги „удвојат напорите за ускладување со ЕУ”.

Специфичноста на оваа рунда на дијалогот Белград-Приштина во Брисел се огледа во тоа што на состанокот, но и на неговите маргини, повеќе се зборуваше за спогодбата од Вашингтон отколку за она што е конкретно на маса во ЕУ. Од таа перспектива може да се толкува и инсистирањето на посредникот на ЕУ овојпат, без какви било „застранувања” и „импровизации” од двете страни, во прв план од бриселскиот состанок да се стави единството и напредокот, а – можеби и најважно, повторното категорично обврзување на Србија и Косово за примарната позиција на ЕУ кога станува збор за нормализација на односите, но и заедничка иднина.

Признавањето како цел и невозможна мисија

Она што остана исто и на оваа рунда на дијалогот Белград-Приштина е инсистирањето на косовските претставници на терминот „меѓусебно признавање”, што, според веќе видено сценарио, предизвика тревога кај претставниците од Белград. На изјавата на косовскиот премиер Хоти дека напредокот постигнат во рамки на дијалогот по која било од отворените теми води само кон едно, а тоа е „нормализација на односите низ меѓусебно признавање”, реагираше главниот преговарач на Белград, Марко Ѓуриќ: „Хоти повторно лаже! На состанокот со ниеден збор не се разговараше за меѓусебно признавање”.

Синтагмата „меѓусебно признавање” е своевиден лајтмотив, мисла-водителка, симбол и цел на Косово во дијалогот со Србија, а тоа е сосема спротивно на Белград. Меѓусебното признавање, колку и да звучи големо и пресудно, се најде првпат патемно споменато, а подоцна и исфрлено, во нацртот на американскиот документ кој го усогласуваа трите страни во Вашингтон. Во петокот Ричард Гренел, специјалниот претставник на претседателот Доналд Трамп, во Вашингтон најави дека меѓусебното признавање „ќе се најде детално на агендата во Брисел”: „Ние се обидуваме по тоа прашање да ја усогласиме работата со Европејците”, објасни Гренел.

Европејците, од своја страна, во ниеден документ не споменуваат меѓусебно признавање. Дури и на директно прашање дали меѓусебното признавање ќе биде дел од можниот правно обврзувачки договор за сеопфатна нормализација на односите меѓу Србија и Косово и кој го составува тој документ, во Брисел „дипломатски” одговараат дека ЕУ „не наметнува решенија” а дека под нормализација ќе се подразбира она што „двете страни ќе го договорат околу сите отворени прашања.”

„ЕУ го олеснува процесот така што создава простор за обете страни да се договорат за отворените прашања. А што и да се договори, да се стави на хартија”, објаснува портпаролот на Европската унија, Петер Стано.

Преку поединечни теми до сеопфатна нормализација

Извесно е дека за Приштина нема нормализација без некоја форма на признавање од страна на Белград, но и дека таа форма и нејзината цена мораат да бидат прифатливи за српската страна. Она за што Србија во моментов е најзаинтересирана е економски развој и положбата на српското население во Косово. Документот потпишан во Вашингтон на 4 септември во извесна мерка се однесува токму на јакнење на американските инвестиции во Србија и вложувања во инфраструктурни проекти.

ЕУ, од своја страна, во октомври ќе го претстави економско-инвестицискиот план за Западен Балкан, кој би требало да изнесува околу 14,5 милијарди евра. Според зборовите на српскиот претседател Александар Вучиќ, Србија сега очекува да види кои пари и проекти ќе ѝ бидат на располагање во наредните седум години.

Истовремено, во Брисел на последната рунда разговори меѓу Вучиќ и Хоти е отворено прашањето за Заедницата на српски општини кое би требало да се примени на терен, да одговори на прашањата на заштита на интересите и правата на српското малцинство во Косово. Со паралелно решавање на големите и компликувани теми како економијата, финансиските побарувања, имотот и статусот на немнозинските заедници, се влегува во клучна фаза која би можела да биде „да се биде или не” за конечната спогодба за нормализација на односите на двете страни.

„Во прашање се многу чувствителни и битни теми за идните односи на Србија и Косово и за секојдневниот живот на граѓаните”, нагласува и шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел.

Разговорите токму за овие теми продолжуваат веќе следната недела во Брисел, каде, како што инсистираат во ЕУ, Србија и Косово ќе се состануваат сѐ додека не најдат обострано прифатливи решенија за сите отворени прашања – еднаш и засекогаш.

Back to top button
Close