Мицкоски од Диселдорф: Македонија 15 години не е членка на ЕУ поради вештачки прашања

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Македонија веќе 15 години не е членка на Европската Унија поради, како што ги нарече, вештачките прашања наметнати од земја членка. Според него, ваквите барања ја нарушуваат отпорноста на ЕУ и укажуваат на ранливост во нејзиниот систем.
Мицкоски ова го истакна на панелот „Отпорноста како императив за севкупното општество“, во рамките на самитот посветен на отпорноста во Северна Рајна-Вестфалија, кој се одржува во Диселдорф.
Премиерот Христијан Мицкоски на панелот „Отпорноста како императив за севкупното општество“, во рамките на самитот посветен на отпорноста во Северна Рајна-Вестфалија, кој се одржува во Диселдорф / Фото: Фејсбук
„Сега се соочуваме со вештачко барање од земја членка на ЕУ, а на сето тоа може да се гледа и како на рушење на отпорноста на ЕУ. Кога постои таква дупка во системот, тогаш станува збор за ранливост на системот. Не секогаш рушењето на системот е предизвикано од оружје, туку и со други ресурси“,
напиша Мицкоски на Фејсбук.
Посочи дека е потребна робусна акција од Европската Унија кога земја кандидат се соочува со прашања од минатиот век поставени од земја членка.
Мицкоски на панелот нагласил дека членството во ЕУ треба да значи промена преку додавање вредности, а не промена на идентитетот.
„Почнавме пред 26 години, дури и пред Хрватска, која сега е земја членка на ЕУ. Се бориме за нашите права, дел сме од НАТО, целосно усогласени со надворешната политика на ЕУ, ја штитиме ЕУ од нелегална миграција од членки на ЕУ, и така ќе продолжиме“,
кажа премиерот.






