Ниту сум земал кредит ниту сум влијаел на влезот на Алта банка – реагира сватот на Али Ахмети и најавува тужби за Влен

Сватот на Али Ахмети негира какво било влијание врз влезот на српската Алта банка во Македонија и најавува тужби за клевета, откако владеачката Влен обвини дека токму тој е врската за влез на српската банка во Македонија, објави Тв Телма.

Фирмата „АС Сењак“ од Кичево, во сопственост на Селаудин Арифи, сват на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, реагира дека немаат подигнато кредит од Алта банка – Србија.

 

„Категорично ги отфрламе наводите дека сме имале какво било влијание врз процесите поврзани со влезот на Алта банка на македонскиот пазар, ниту, пак, сме биле во позиција да влијаеме врз одлуките на надлежните институции. Во судска постапка ќе се утврдат фактите и ќе се докаже дека станува збор за неосновани обвинувања, клевети и намерни манипулации со јавноста“велат од „АС Сењак“.

Владеачката Влен претходно обвини дека врската за влез на српската Алта банка во Македонија е токму сватот на Али Ахмети, Селаудин Арифи. Неговата фирма „АС Сењак“ во октомври 2024 купува значан пакет акции во Стопанска банка – Битола, а во јуни 2025 година фирма поврзана со Арифи зема кредит од пет милиони евра од централата на Алта банка во Белград, обвини Вреди и побара итна реакција од Обвинителството и од Управата за финансиско разузнавање.

„И само три месеци подоцна, на 17 септември 2025 година, се случува финалниот чин: компанијата ‘АС Сењак’ на сватот на Ахмети официјално му ги продава своите акции во битолската банка токму на Давор Мацура и неговата Алта банка, со што му овозможува директно преземање на банката во Македонија“вели Астрит Исени од Влен.

Опозицискиот СДСМ, пак, обвинува дека премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот Трајко Славески ги загрозија парите на граѓаните и целиот банкарски систем, а сега се обидуваат да ја замолчат опозицијата.

 

„Сега во страв од одговорност, Христијан Мицкоски посегнува по истиот модел на неговиот шеф, Александар Вучиќ и она што тој го правеше во Србија, сака со да ја замолчи опозицијата. Мицкоски прво ја обвинуваше СДСМ за ширење хистерија, иако тој и Славески ја создадоа хистеријата“,изјави Наташа Поповиќ од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвини дека темата за Алта банка за првпат била отворена на владина седница во времето на претходната влада.

„Сега е јасно зошто токму Фатмир Бесими, министерот за финансии во Владата на СДС и ДУИ, на владината седница од 24 октомври 2023 година ја отворил темата за Алта банка“вели Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Опозициската ДУИ реагира дека се работи за различни работи. Во 2023 година владата го овластила Државниот правобранител да ѝ продаде на Алта банка – Србија акции на Република Македонија во српска банка стекнати преку наследството на поранешна Југославија. Велат дека влезот на Алта банка во Македонија е целосна одговорност на сегашната влада.

 

„Имаме конкретни одлуки од оваа влада, само од оваа влада, од никој друг, каде што им се овозможува на Алта банка да влезат во банкарскиот систем во Република Северна Македонија“вели Арбер Адеми од ДУИ.

Пред две недели, Народната банка на Србија ѝ ја одзеде лиценцата за работа на Алта банка – Белград, а сопственикот Давор Мацура беше уапсен. Народната банка на Македонија потоа го презеде управувањето со Алта банка – Македонија.

Back to top button
Close