Јеменската армија се повлекува од подрачјето Баб ал-Мандеб

Армијата на меѓународно признаената јеменска влада денеска соопшти дека се повлекува од подрачјето Баб ал-Мандеб, со што контролата на стратешката теснина би можеле да ја преземат јеменските бунтовници Хути.
– Јужните вооружени сили ги прераспоредуваат своите сили од аеродромот Дубаб и областа Баб ел-Мандеб, западно од провинцијата Таиз. Овој чекор е преземен со приоритет да се осигури безбедност на главниот град Аден и соседните провинции, како и да се зајакнат фронтовските линии и да се одговори на постоечките закани, се наведува во соопштението на јеменската армија.
Јеменските владини сили поддржани од коалицијата, предводена од Саудиска Арабија, и бунтовниците Хути, поддржани од Иран, се борат за превласт од 2014 година. Хутите контролираат големи делови од земјата, вклучително и Сана, каде што бунтовниците воспоставија своите политички институции. Меѓународно признатите јеменски власти се протерани од Сана во Аден.
Доколку бунтовниците ја преземат целосната контрола врз теснината Баб ал-Мандеб, тоа би била голема стратешка предност за Иран во војната со САД. Теснината Баб ал-Мандеб од почетокот на војната во Иран се користи како алтернативна трговска рута на блокираната Ормуска Теснина. Теснината Баб ал-Мандаб е од посебно значење за Саудиска Арабија.
Теснината Баб ал-Мандеб го поврзува Црвеното Море со Аденскиот Залив. И двата се дел од поморска транспортна рута што се протега од Средоземното Море преку Суецкиот канал до Индискиот Океан, што е најкратката морска рута помеѓу Азија и Европа.






