Трамп бара од Конгресот дополнителни средства за модернизација на американскиот систем за контрола на воздушниот сообраќај

Претседателот на САД, Доналд Трамп денеска го повика Конгресот итно да одобри дополнителни средства за модернизација на американскиот систем за контрола на воздушниот сообраќај. Тој побара дополнителни средства откако пред два дена повеќе од четири часа беше затворено небото над САД поради технички дефект.
– Доколку Конгресот ги одобри преку потребните средства за контрола на воздушниот сообраќај, можеме да ја изградиме брзо и ефикасно. Тоа ќе биде НАЈДОБРИОТ СИСТЕМ во целиот свет, објави Трамп на сопствената платформа „Трут соушл“ (Truth Social).
Тој за застарената инфраструктура ја обвини администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден.
– Голем дел од нашиот сегашен систем за контрола на воздушниот сообраќај е стар 50 години. АПСУРДНО! Веќе започнавме со работа, но тоа мора да се направи одеднаш, а не парче по парче. Конгресот мора да ги одобри средствата. Администрацијата на Бајден го врати овој процес неколку години наназад!, посочи Трамп.
Американскиот министер за транспорт, Шон Дафи изјави дека причината за инцидентот најверојатно е поврзана со мрежен рутер, инсталиран од компанијата „Ел3Харис“ (L3Harris) како дел од модернизацијата на комуникациската инфраструктура. Уредот почнал да испраќа повеќе од 1.000 барања за поврзување на секои четири до пет секунди, со што ја преоптоварил мрежата. Проблемите зафатија 17 од вкупно 22 регионални центри за контрола на воздушниот сообраќај.
Истражителите сè уште утврдуваат дали инцидентот е предизвикан од неисправен уред или од грешка при инсталацијата. Според досега достапните информации, нема докази дека дефектот бил резултат на кибернапад.
Застарената инфраструктура со години претставува проблем за американската контрола на воздушниот сообраќај. Некои мрежни уреди се стари околу 25 години, а Федералната управа за авијација (ФАА) сè уште користи дискети, компјутери стари со децении и резервни делови што се набавуваат преку интернет. Дафи смета дека овие проблеми не можат да се решат преку парцијални поправки, туку преку целосна реконструкција на комуникациската мрежа, радарските системи и компјутерската опрема.
Американскиот Конгрес веќе одобри 12,5 милијарди долари за целосна обнова на застарениот систем. Белата куќа и Министерството за транспорт побараа дополнителни 30,1 милијарди долари, додека Дафи се залага за уште поголеми инвестиции – во износ до 50 милијарди долари.






