„Мислел дека е мртва и барал начин да се ослободи од телото“: Мајката на претепаната Сара со тешки обвинувања за нападот

Мајката на девојката која беше претепана од своето момче во Охрид и оставена пред маркет, се огласи јавно со потресно сведоштво за случувањата пред и по нападот, изразувајќи загриженост за безбедноста на ќерка си, која сè уште се наоѓа во болница.

Во објава на социјалните мрежи, таа тврди дека девојката живее во страв и во неизвесност, особено откако осомничениот синоќа бил пуштен на слобода.

Според нејзиното сведоштво, 31-годишниот насилник, додека нејзината ќерка била во бессознание, мислел дека е мртва и стапил во контакт со својот татко, барајќи помош како да се ослободи од нејзиното тело. Мајката тврди дека таткото му давал насоки како да го направи тоа.

Таа наведува и дека телефонот на девојката бил намерно искршен, со што ѝ била оневозможена можноста да повика помош. Во објавата пренесува и зборови што, според неа, ќерка ѝ ги слушнала додека била во беспомошна состојба: „Собери ги сите познаници, да го прикриеме нештово и да се ослободиме од оваа, дали да ја фрлам во некоја провалија?“

Мајката тврди дека луѓе од опкружувањето на осомничениот одбивале да ја однесат девојката во болница, иако таа барала помош, а во еден момент момчето наводно побарало нож и сакало да ја „докрајчи“.

Во објавата се споменува и тетката на осомничениот, за која мајката тврди дека контактирала со болницата во која е сместена девојката, со цел да влијае врз медицинскиот извештај и да се прикаже дека девојката има полесни повреди.

Мајката изразува сомнеж дека семејните и партиските врски на осомничениот може да влијаат врз постапката и бара одговорност за сите инволвирани.

„До кога ќе дозволуваме некој да мисли дека може да прави што сака, да избегнува одговорност и да се чувствува недопирлив само затоа што зад себе има партиски врски, моќни родители и познанства?“, прашува таа.

Директорот на болницата „Св. Еразмо“ во Охрид, Харалампие Шокаровски, за „Слободен печат“ претходно изјави дека кај девојката биле извршени повеќе дијагностички процедури, вклучително и компјутерска томографија на главата, а биле констатирани хематоми, модринки и нагмеченици. Таа треба да остане во болница на опсервација

 

Back to top button
Close