Народната банка ја започна продажбата на 95,3 проценти од акциите на „АЛТА банка“, првата аукција закажана за 30 ноември
Народната банка започна постапка за продажба на доминантниот акционерски пакет во „АЛТА банка“ АД Битола, со цел да се обезбеди нов сопственик и да се создадат услови за стабилно продолжување на работењето на банката. Првата јавна берзанска аукција е закажана за 30 ноември 2026 година.

Предмет на продажба се 372.742 обични акции, односно 95,336 проценти од вкупниот број акции, кои се во сопственост на „Алта банка“ АД Белград – во стечај.
Продажбата ќе се реализира преку Македонската берза на хартии од вредност, според моделот „сè или ништо“, што значи дека заинтересираните купувачи ќе мора да го преземат целиот понуден пакет. Почетната цена е 3.777 денари по акција.
Доколку акциите не бидат продадени на првата аукција, следните ќе се одржат на 1, 2, 3, 4 и 7 декември, при што почетната цена ќе се намалува за 10 проценти со секоја наредна аукција.
Заинтересираните инвеститори треба најдоцна до 19 ноември да достават барање до Народната банка за претходна согласност за стекнување квалификувано учество, како и писмена изјава дека ќе ги обезбедат средствата за купување на акциите.
Од Народната банка посочуваат дека постапката е насочена кон обезбедување нов сопственик, продолжување на стабилното работење на банката и заштита на интересите на штедачите и останатите клиенти.






