Се запалиле бандери за електрична енергија во Арачиново – интервенира екипа на скопската противпожарна бригада

Скопските пожарникари вечерва имале полни раце работа. Покрај запалениот автомобил во подземната гаража на трговскиот центар „Кам мол“ во општина Ѓорче Петров, пожар има и во скопско Арачиново, каде што гореле бандери за електрична енергија.
Случајот во Арачиново во изјава за „360 степени“ го потврди командирот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Ѕвонко Томевски. Според него, пожарникарите на терен ги чекале екипите на ЕВН да ја исклучат електричната енергија на тој дел од мрежата за да можат да почнат со гаснењето на огнот.
На местото, вели Томевски, било упатено едно противпожарно возило со тројца пожарникари.
Претходно вечерва, екипа на скопската противпожарна бригада, исто така, со едно возило и тројца пожарникари интервенираше во Општина Ѓорче Петров, откако во подземната гаража на трговскиот центар „Кам мол“ бил опожарен автомобил.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) за „360 степени“ потврдија дека е опожарено патничко возило марка „фиат пунто“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на лице со иницијали М. А.
Оттаму рекоа дека во пожарот нема повредени лица, а се преземаат мерки за расчистување на случајот.






