Честитка за Денот на независноста до претседателот Пендаровски од албанскиот колега Мета
Честитка по повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Северна Македонија, до претседателот Стево Пендаровски упати неговиот албански колега Илир Мета.
Обраќајќи му се на македонскиот колега, Пендаровски, Мета истакнува дека во последните три децении двете земји изградиле многу добри соседски односи и соработка во сите области.
-Почитуван господине претседателе, Стево Пендаровски. По повод Денот на независноста на Република Северна Македонија, имам особено задоволство да пренесам, од мое име и од името на албанскиот народ, најтопли и искрени честитки до Вас и до сите граѓани на вашата пријателска земја. Среќен сум што можам да констатирам дека, благодарение на визијата и заедничките европски и евро-атлантски интереси, во последните три децении изградивме многу добри соседски односи и соработка во сите области, во најдобар интерес на двете наши земји и нивните граѓани, наведува Мета во честитката.
Изразува убедување дека многу големо влијание во зајакнувањето на соработката меѓу две земји одиграло и одигрува „адресирањето и континуираното подобрување на меѓуетничките односи меѓу Албанците и Македонците.
Посочува дека Албанците во Македонија и македонската заедница во Албанија се силни вредности и мостови на пријателство и соработка.
-Ја користам и оваа можност да ви честитам за успешното спроведување на парламентарните избори во јули, што сигурно ќе даде многу позитивен стимул во процесот на евроинтеграција на вашата земја, служејќи на тој начин за зајакнување на безбедноста, мирот и просперитет на целиот регион, наведува албанскиот претседател Илир Мета во честитката до македонскот колега Пендаровски, по повод Денот на независноста.