Детали за крвавата мистерија кај скопската обиколница: Што се случувало пред 5 часот наутро кај Смилковци? –

Истрагата ги проверува камерите од сејф сити кои ги има на повеќе клучки долж скопската обиколница за да утврди движење на сомнителни возила поврзани со вчерашното убиство на 38-годишен маж кое се случи на излезот кај Смилковци, потврдија од истрагата за Телма. Покрај тоа се проверуваат и други безбедносни камери.
Според првичните информации, возилото мерцедес на настраданиот кон клучката каде се случило убиството се упатил некаде пред 5 часот наутро. Убиството односно безживотното тело било забележано од граѓанин кој минувал по патот по што околу 6:15 часот пријавил на скопската полиција.
При увидот е утврдено дека телефонот на жртвата бил во автомобилот,но тој не успеал да стигне до него за да повика помош. Бил застрелан во ногата со еден куршум, а раната била прострелна. После првичните наоди, со обдукцијата е потврдено дека починатиот бил погоден во голема артерија во ногата поради што настапило обилно крварење.
Истрагата ги вештачи и телефонот на убиениот и неговата содржина, но се проверува и движењето според базните станици. При увидот е барана и чаурата и куршумот со кој е погоден жителот на скопски Љубин. Од полицијата велат дека се спроведува интензивна истрага за да се утврдат сите околности на настанот и да се дојде до сторителот.
Инцидентот се случи во непосредна близина на Смилковско Езеро каде пред 14 години се случи смилковскиот масакр кога беа убиени 4 млади жители на Бутел и Радишани и рибар од Црешево.
По пекратното убиство, на местото беше изградена црква, а жители на најблиските места велат дека навечер на местото околу езерото многу често се собираат луѓе се сомневаат дека има противзаконски активности и сметаат дека посети од полициски патроли може да ја подобрат безбедноста состојба на таа микро локација.






