Две третини од домаќинствата во Македонија немаат деца, покажуваат податоците на Евростат
Речиси 400.000 домаќинства во Македонија немаат деца, а нивниот удел во вкупниот број во 2025 година достигнал 66,1 процент. Ова го покажуваат најновите податоци на Евростат за структурата на домаќинствата.

Од вкупно 595.600 регистрирани домаќинства, 393.400 биле без деца, додека во 202.200 живееле издржувани деца. И покрај тоа, Македонија има поголем удел на домаќинства со деца од просекот во Европската Унија, каде што нивниот удел изнесува 23,3 проценти, наспроти 33,9 проценти кај нас.
Просечниот број деца по домаќинство во Македонија изнесувал 0,60, што е значително помалку од 0,80 во 2015 година. Истовремено, македонските домаќинства се поголеми од европските – во нив живеат просечно меѓу 3,1 и 3,2 лица, додека просекот во ЕУ е околу 2,3 члена.
Во Европската Унија продолжува намалувањето на домаќинствата со деца. Нивниот удел се спуштил од 26,9 проценти во 2010 година на 23,3 проценти во 2025 година. Наспроти тоа, расте бројот на домаќинства во кои живее само едно возрасно лице без деца – од 33,6 проценти во 2015 година на 37,5 проценти во 2025 година.
Меѓу земјите членки, Словачка има најголем удел на домаќинства составени од двојки со деца, со 20,3 проценти. Кај домаќинствата со едно возрасно лице и деца предничи Естонија со 9,4 проценти, додека најголем удел на домаќинства со само едно лице без деца има Литванија – 62,5 проценти






