Ново поскапување на парното во Скопје: Од јануари сметките повисоки за 7,5 проценти
Нови повисоки сметки за парно ги очекуваат домаќинствата во Скопје од 1 јануари 2027 година. Според предлог-одлуките објавени од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), цената на топлинската енергија за најголем дел од домаќинствата ќе се зголеми за околу 7,5 проценти.

Зголемувањето се однесува на корисниците на „ЕСМ Снабдување“ и „Скопје Север“, со чија мрежа управува приватната компанија „Енерџи Еколинк“. За домаќинствата што се снабдуваат преку „ЕСМ Енергетика“, односно железарското парно, е предвидено поскапување од 7,2 проценти.
Уште поголем раст на цените ги очекува фирмите и другите правни лица што користат централно греење. За оваа категорија потрошувачи предложеното зголемување изнесува околу 13 проценти.
Како главна причина за поскапувањето РКЕ го наведува растот на цената на природниот гас. Сепак, во објавената документација не е прецизирана набавната цена на гасот, ниту цената по која ќе се откупува топлинската енергија од ТЕ-ТО
Доколку предлог-тарифите бидат усвоени, ќе почнат да важат од 1 јануари 2027 година. Тоа ќе биде трето поскапување на парното во рок од една година, откако претходните две корекции веќе ја зголемија цената за вкупно околу 11 проценти.






