Септемвриската сесија на Европскиот парламент преселена од Стразбур во Брисел

Септемвриската сесија на Европскиот парламент, закажана за 14-17 септември, требаше да биде прва во европската престолнина Стразбур од избувнувањето на пандемијата во Европа. Таа е откажана поради високиот здравствен ризик поврзан со пандемијата на Ковид-19 и поради тоа ќе се одржи во Брисел, јави дописникот на МИА.

-Ние тоа го забележуваме со жалење, реагираше државниот секретар за европски прашања Клемент Бон и градоначалничката на Стразбур Жан Барсегијан во заедничката изјава.

-Франција е длабоко приврзана за седиштето на Европскиот парламент и повикува на многу брзо враќање на пленарните сесии во Стразбур, во согласност со договорите на ЕУ, додаваат тие во изјавата.

Според европските договори, седиштето на Европскиот парламент е во Стразбур, каде што се одржуваат дванаесет пленарни сесии од три и пол дена годишно. Но, остатокот од времето, европратениците работат во Брисел. Поддржувачите на единственото седиште во Брисел редовно ги осудуваат финансиските и еколошките трошоци за преселувањето на околу 2.500 лица и фактот дека огромниот комплекс во Стразбур се користи само четири дена во месецот.

Од почетокот на пандемијата во март, седниците се одржуваат главно со видеоконференција со намалено присуство на пратениците и нивни асисетнети. Последната седница на Европскиот парламент што се одржа во Стразбур беше од 10 до 13 февруари. За време на септемвриската сесија, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, треба да одржи говор за состојбата во ЕУ, десетина месеци по стапувањето на фумкцијата.

Back to top button
Close