Клековски: Невозможно е да има обезбедување за сите здравствени работници во секој момент

Министерот за здравство Сашо Клековски го осуди нападот врз доктор и медицинска сестра од Итната медицинска помош при Поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје, оценувајќи дека ангажирањето дополнително обезбедување е оправдано на одредени места, но оти не е возможно тоа да биде обезбедено во секоја екипа на Брзата помош.

Одговарајќи на новинарско прашање за нападот врз доктор и медицинска сестра од Итната медицинска помош, Клековски денеска рече дека нападот е за осуда, но дека не може да се обезбеди физичка заштита на сите здравствени работници во секој момент.

– Во однос на заштитата на здравствените работници, мислам дека во основа осудата е тука. Ангажирање на дополнително обезбедување можам да кажам дека е оправдано на одредени точки, меѓутоа дека ние ќе имаме обезбедување со секоја брза помош е невозможно, рече Клековски.

Тој посочи дека и додека бил директор на Фондот за здравствено осигурување, го пренасочил сопственото обезбедување во Букурешт, во Комисијата за боледувања, бидејќи, како што рече, членовите на Комисијата биле постојано под притисок од незадоволни пациенти.

 

– Сметав дека таму е потребно поголемо обезбедување отколку тоа што ми е потребно мене. Значи, да, можеме да обезбедиме некои точки, меѓутоа, не можеме сите точки, не можеме да ја претвориме државава во полициска држава, истакна министерот.

Нападот врз докторот и медицинската сестра се случил на 21 ноември, околу 17:30 часот, пред Поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје, додека биле на работното место и се подготвувале да заминат на теренска интервенција. Според објавените информации, во нападот учествувале татко и син, а двајцата здравствени работници се здобиле со телесни повреди.

Лекарската комора најостро го осуди нападот и побара од надлежните институции итно да го расчистат случајот и да ги санкционираат сторителите, а најави и правна и психолошка поддршка за повредените колеги.

Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита побара итно расчистување на случајот и преземање конкретни мерки за поголема безбедност на здравствените работници на работните места и при извршувањето на теренските задачи

Back to top button
Close