„’Фајненшел тајмс’ може да пишува што сака“: Мицкоски убеден дека секаде може да објави „нарачан текст”
Премиерот Христијан Мицкоски вчера ја доведе во прашање репутацијата на еден од најугледните светски весници, британскиот „Фајненшел тајмс“, поради објавен текст за „Алта груп“, компанија мајка на Алта банка која ја поседува битолската истоимена банкарска институција.
Тој во интервју за „Топ тема“ на ТВ Телма изјави дека „Фајненшел тајмс“ „може да пишува што сака“, како и дека „може да нарачаме текст каде сакате, во каков сакате портал и сешто да пишува, ако сакаме тоа да го зборуваме“.
Ова, во основа беше одговорот на Мицкоски околу актуелните случувања во Алта банка Битола и пишувањето на „Фајненшел тајмс“ пред две години во текст во кој се вели дека Европската централна банка го оспорува обидот за преземање на австриската Адико банка од страна на српската групација.
„Можете да нарачате текст!?“, праша видно изненадената уредничка Наташа Стојановска, на што Мицкоски одговори: „Па, можеме сѐ да направиме ако сакаме“, додавајќи: „Не знам што не е добро тука“.
На дополнително прашање дали нарачува текстови, Мицкоски одговори: „Не, не. Јас ви кажувам хипотетички дека може да се нарача текст во кој било медиум и на било кој начин. Не велам дека тоа ќе се случи, да се компромитира некој. Во случајот, ‘Фајненшел тајмс’ или некој друг медиум, може да пишува што сака, но јас ја зборувам фактичката состојба“, рече Мицкоски.
…







