Клековски: Што правиме со Итната помош

Министерот за здравство Сашо Клековски попладнево се огласи на Фејсбук по коментари за негова објава и даде објаснување што се прави со Итната помош.
Неговата објава на социјалната мрежа ја пренесуваме во целост:
„Во коментарите под мојата објава за кривична одговорност за напад на здравствени работници најчестата тема не беше насилството. Беше Брзата помош.
Чекање со часови. Возило без екипа. Одбиен повик затоа што пациентот е постар. Одбиен повик затоа што пациентот е онколошки. Спуштена слушалка.
Ги прочитав сите. Не ги отфрлам. Еве што е во тек.
Издвојување на Итната од Здравствениот дом Скопје.
Влада на Македонија ја усвои информацијата за формирање самостоен Центар за итна медицинска помош Скопје. Сопствено раководство, сопствен буџет, сопствено планирање – наместо служба што се бори за ресурси, внатре во поголема установа. Како пилот кој може да се прошири на другите градови.
Национални стандарди за тријажа.
Ова е мерката за она што најмногу ве лути. Кој повик е итен не смее да зависи од тоа кој се јавил на телефон, туку од јасни и транспарентни стандарди, исти од Скопје до Гевгелија, од Дебар до Делчево. Без стандард, тријажата е произволна. Со стандард, одлуката е проверлива и некој одговара за неа.
Национален диспечерски центар.
Сите повици на едно место, сите тимови на ИМП на едно место. На повикот реагира најблискиот тим. И за да се знае, за секој повик: кога е примен, што е одлучено и зошто.
Возила.
Набавени се 100 нови возила за Итната помош, со кои ќе има функционални 200 возила во земјата. Уште 50 следуваат преку ИПА 3 програмата на Европската Унија.
Кадар.
Најголемиот предизвик е кадар. Над 300 вработени во ИМП заминуваат во пензија до 2030 г. Во тек се разговори со Медицинскиот факултет за воведување на профилот парамедик – обучен да дава помош и нега за време на транспортот.
Ургентен центар.
Се реконструира Ургентниот хируршки центар, а се оформува о Ургентниот интернистички центар во Клиничкиот центар Скопје.
Што сè уште не е решено.
Бројот на екипи по смена, посебно во Скопје. И прашањето што го отвори една од вас во коментарите – кој го крева пациентот кога дома нема кој да помогне. Тоа не е медицинско прашање, ама е вистинско прашање и нема да се преправам дека не постои.
Мерката за успех нема да биде ниту една објава, ниту едно соопштение. Ќе биде едно: колку чека човек од моментот кога ќе се јави на 194“.






