Четири нови случаи со КОВИД-19 во Дебар

Во последното деноноќие во Дебар и општина Центар Жупа се регистрирани четири нови случаи со КОВИД-19. Нема оздравени, ниту починати лица.

-Во изминатите денови од овој месец регистрани се 14 новозаразени. Во исто време битката со опасниот вирус ја добија 58, додека за жал починаа две лица од општина Центар Жупа. И понатаму во Општата болница се јавуваат лица со симптоми на вирусот, на кои им се зема брис. Иако е неблагодарно да се прогнозира, очекуваме бројот на заразени да расте, велат од дебарската работната единица на Центарот за јавно здравје.

Причината за тоа, сметаат, е во масовното непочитување на мерките и протоколите за заштита и од страна на граѓаните и од деловните субјекти.

-Она што исто така загрижува е фактот дека дел од оние кои очекуваат резултат од тестот или веќе се потврдени на КОВИД-19 но, со полесна форма, откако ќе помине полициската контрола може да се видат надвор како шетаат или пазаруваат во продавници, дополнуваат од Центарот.

Од почетокот на пандемијата во ова подрачје се направени над 1.350 тестови. Позитивен резултат е добиен кај 264, од нив оздравеле 219, починале 14, а активни на болеста се 31 лице. Од вкупната бројка на заразени 51 се во првата фаза од кои само двајца заразени од општина Центар Жупа. Притоа, 47 оздравеле, а починале четири лица. Во втората, споредно со првата фаза, бројот на заразени е поголем. Болеста е распространета во речиси сите населени места во двете општини.

Back to top button
Close