Што им прави корона-кризата на Германците?

Организацијата „Повеќе заедничко“ го подели општеството во Германија на дури шест социјални типови на личности во населението, со различни вредности и основни верувања. И овие типови не  поминуваат низ пандемијата подеднакво добро.

„Луѓето во Германија сосема различно ја доживуваат корона-кризата, така што сè уште не може да стане збор за сеопфатно меѓучовечко доживување на кризата“, велат Лаура-Кристине Краузе и Жереми Гање од организацијата „Повеќе заедничко“ за нивната најнова анкета спроведена меѓу 2.000 луѓе за тоа што оваа особена година предизвикува во германското општество. „Додека некои се многу задоволни од кризната политика, многумина се чувствуваат оставени сами со своите проблеми“.

Различното доживување на корона-кризата е закана за кохезијата и има потенцијал уште повеќе да ја продлабочи трипартитната поделба на општеството, велат организаторите на студијата. Во оваа трипартитна поделба на општествените стабилизатори се вбројуваат „инволвираните“, за кои се важни граѓанството и заедништвото, потоа  „бесните“ кои се стремат кон национален поредок и се недоверливи, како и невидливиот трет тип на „разочараните“ кои се жалат на недостаток на ценење и на правда.

Не е ни чудо што различните социјални типови исто така се различно подложни на теориите на заговор. Речиси секој трет Германец верува дека Владата прави кризата да изгледа поголема отколку што навистина е, со цел да ја протурка сопствената агенда. И тоа главно се должи на „бесните“ кои како критичари на системот гласно го одредуваат јавниот дискурс.

„Резервите на доверба во општеството беа ниски дури и пред корона-кризата, кај делови од населението гледаме длабока недоверба кон политичките институции“, велат Краузе и Гање, „но не треба да заборавиме дека околу 70 проценти од луѓето во Германија досега се задоволни од корона-политиката“.

Парадоксално, теориите на заговор се разгоруваат и поради тоа што Германија – за разлика од нејзините европски соседи – досега толку добро помина низ кризата. „Нема слава во превенцијата“, постојано повторуваше најпознатиот германски виролог Кристијан Дростен – и на крајот имаше право.

Наместо да жнее слава за добрата превенција против ширењето на вирусот, со која бројот на смртни случаи од Ковид-19 во Германија споредбено можеше да се одржи на релативно ниско ниво, некои се сомневаат во опасноста од вирусот и во заштитните мерки.

Германците остануваат поштедени од слики како оние од Бергамо, Италија, каде речиси секое семејство изгуби член од болеста. Во Германија, околу 9.300 луѓе досега починаа од последиците Ковид-19, и тоа на население од 83 милиони.

Но, во исто време Кристијан Дростен и не беше во право. Германската влада добива врвни оценки за своето управување со кризата и бележи значително подобри резултати во сите категории од владите на Италија, Полска, Холандија, Велика Британија и на Франција. „Ако ги погледнете бројките, Германија стори сè правилно“, вели еден учесник во анкетата.

Затоа не е изненадувачки што Германците велат дека справувањето на Германија со кризата ги направило погорди на својата земја. Или како што објасни една анкетирана личност: „Веќе постои одредено чувство на гордост за она што го постигнавме за краток временски период, за секој кој соучествуваше, симнувам капа, супер.“

Во ова се вклопува и резултатот на актуелната студија на фондацијата Бертелсман дека популистичките ставови во Германија силно опаѓаат.  Само уште секој петти Германец е подложен на популизам, во прв ред поради работата на Владата во корона-кризата.

Лаура-Кристине Краузе и Жереми Гање од организацијата  „Повеќе заедничко“ во својата студија дошле до заклучок дека „луѓето се помалку подготвени да направат компромис со оние кои мислат поинаку отколку што беа пред кризата“.

Во иднина, германските политичари треба засилено да се грижат за таканаречената „невидлива третина“, односно за „прагматичните“ и за „разочараните“, препорачуваат авторите на студијата: „Тие лично и политички се лошо вклучени во општеството и често се чувствуваат социјално дезориентирани. Ним треба да им се посвети далеку поголемо внимание.“

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close