МВР: Напаѓачот на новинарската екипа на Ал Џазира приведен, ќе следува соодветен поднесок
– На протестот, што синоќа го одржа опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од страна на непознато лице, новинарката Милка Смилевска и снимателот Јорде Ангеловиќ од медиумот Ал Џaзира биле нападните и попречени во вршење на своите професионални новинарски задачи.
Од Министерството за внатрешни работи информираа дека М.С во 18.30 часот, пријавила дека на ул.„Македонија“, каде се одвивал протест, а таа била работно ангажирана како новинар, додека разговорала со едно од лицата кои учествувале на протестот, дошол А.И. (41) од Скопје и замавнувал со рацете, при што и го бутнал микрофонот. А.И. е приведен во полициска станица и по документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) го осудија нападот врз новинарската екипа на Ал Џaзира и побараа од МВР да го санкционира напаѓачот за кој има и јавно достапна снимка од настанот.
– Ваквиот однос кон новинарите кои се на работна задача на терен е неприфатлив и потребно е да биде строго казнет од страна на МВР затоа што насилството кон новинарите не е дозволив во демократски земји. Доколку ваквите инциденти се толерираат во иднина има ризик да се охрабрат нови посериозни насилства кон новинарите, а со тоа дополнително да се загрози нивната безбедност, правото на слобода на изразување како и правото на информирање на граѓаните, истакнаа од ЗНМ и ССНМ.
Со осуда излезе и Агенцијата за аудио и аудиовиозуелни медиумски услуги (АВМУ), која нагласи дека ваквите појави претставуваат загрозување на слободата на изразување и на правото на информирање на јавноста.
-На медиумите треба да им се обезбедат услови за професионално работење и медиумските работници во ниту еден момент не смеат да бидат попречени во вршењето на своите работни задачи, порача АВМУ.