МНР: Продолжува засилената комуникација со Бугарија, низ дијалог чија основа е взаемно почитување
Република Северна Македонија како и досега, ќе продолжи со засилена комуникација и консултација на политичко ниво со Република Бугарија и со сите релевантни чинители во ЕУ контекст, при што клучната порака ќе биде дека беше започнат исклучително важен и сложен процес на дијалог кој претполага зближување и градење пријателство, низ заемно почитување, како две соседни европски држави.
Ова денеска го потенцира Министерството за надворешни работи, преку соопштение, во кое нагласува дека во оваа смисла почитувањето на идентитетот и достоинството, европските интеграции и добрососедските односи се целосно комплементарни и заемни интереси.
-Европските интеграции на целиот регион, претставуваат интерес на двете земји и тоа било постојано потенцирано од страна на официјалните претставниците на двете земји. Република Бугарија и досега ги подржувала европските и евроатлантските интеграции на Република Северна Македонија и очекуваме оваа поддршка да продолжи и во иднина, потенцира МНР.
Додава дека за сите евентуални разлики по одредени прашања, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка е токму рамката за решавање на долготрајните билатерални разлики во толкувањето на историски прашања кои ги оптоваруваат односите помеѓу Северна Македонија и Бугарија децении наназад.
-На неговата имплементација, која е двострана обврска за двете држави, остануваме и натаму целосно посветени во добра волја, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.