Силите на НАТО би можеле да ги заменат американските сили во Ирак

Ирачките безбедносни извори соопштија дека моменталното намалување на военото присуство на меѓународната коалиција во Ирак, предводено од САД, е дел од операцијата за замена на овие сили во иднина со други земји членки на НАТО, пренесува Ал Џезира.

Изворите додаваат дека за таа цел ирачката Влада почнала преговори со НАТО за отстранување на причините за тензиите, што се манифестираат со напади на ирачките вооружени фракции врз американските сили кои делуваат како дел од коалициските трупи.

Генералот Кенет Мекензи, командант на американската Централна команда, вчера соопшти дека неговата земја ќе го намали бројот на силите во Ирак од околу 5.200 војници на 3.000 овој месец, објавија американските медиуми.

Одлуката за намалување на војската МекКензи ја објасни со тоа што ирачките сили направија огромен напредок.

Тој додаде дека бројот на преостанатите сили ќе овозможи продолжување на помошта на Ирачаните со цел да се искоренат остатоците од Исламска држава во Ирак и обезбедување на нивниот постојан пораз.

Мекензи појасни дека одлуката е донесена во договор и координација со ирачката Влада и коалициските партнери.

И германската Влада одлучи да го намали бројот на свои војници што учествуваат во Ирак од 700 на максимум 500 војници.

Германскиот министер за одбрана Анегрет Крамп-Каранбауер истакна дека ирачката Влада сака да продолжи со обука на своите безбедносни сили преку мисија во која Германија учествува во рамките на меѓународната коалиција за борба против ИД.

Таа додаде дека Германија ќе даде соодветен придонес во тоа.

Во врска со американската одлука за повлекување на своите сили од Ирак, Кати Најман, ирачки пратеник и член на парламентарниот Комитет за безбедност и одбрана, изрази надеж дека американската администрација сериозно ќе пристапи кон повлекувањето на своите сили.

Тој рече дека ирачкиот Парламент претходно на почетокот на годината донесе одлука со барање за повлекување на странските трупи од Ирак.

Тој истакна дека ирачката Влада треба да продолжи да планира повлекување на сите американски и странски сили од Ирак.

Ирачките сили од март до сега презедоа осум позиции на силите на меѓународната коалиција.

Back to top button
Close