Димитров и Дуџак разговарале за помошта што ОН ќе ја пружат за сеопфтен развоен план на земјава
Вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска се сретна со Резидентната координаторка на Обединетите нации во Северна Македонија, Росана Дуџак.
На средбата, како што соопшти СЕП, се разговараше за помошта која што Обединетите нации ќе ја пружат за подготовка на сеопфатен долгорочен развоен план на Северна Македонија.
-Помошта од Обединетите нации како наш континуиран партнер во постигнување на инклузивен и одржлив развој, ни дава за право да сметаме на засилена соработка и на полето на реформските цели кои што произлегуваат од националните приоритети, истакна Димитров.
Потенцираше дека продлабочените односи во иднина ќе ги вклучат сите релевантни чинители на национално и локално ниво, невладините организации, донаторите, приватниот и медиумскиот сектор, како во процесот на планирање, така и при имплементацијата.
Вицепремиерот Димитров упати благодарност за брзата реакција на сите агенции на ОН во земјава во контекст на справувањето со пандемијата предизвикана од коронавирусот.