Оштетените штедачи на Еуростандард Банка бараат државата да ги преземе нивните побарувања и парично да ги обештети
Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка денеска побара итно носење на законско решение со кое државата ќе ги преземе побарувањата на физички и правни лица од Еуростандард Банка, и во целост парично ќе ги обештети. Потоа, државата да наплати од стечајната маса.
За ова барање, од Здружението посочуваат дека доставиле предлог закон на состанокот со премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, каде како што велат, била искажана волја за решавање на овој проблем. Овие денови Здружението има состаноци со пратеничките групи во Собранието за да побараат и нивна поддршка за донесување на закон.
Николоски Дејан, член на Иницијативниот одбор на Здружение на оштетени штедачи на Еуростандард Банка на денешната прес-конференција истакна дека со нивното Здружение секојдневно пристигнуваат пораки со прашања на штедачите што да прават со своите заштеди во банките, но за жал, како што рече, не можат да дадат конкретен одговор.
-Пропаѓањето на Еуростандард банка или црната за нас среда, 12 август, не остави без нашите лични парични средства. Се работи за цели семејства кои се погодени и фирми кои во ова време на пандемија се соочуваат со проблеми со ликвидност и затворање. Верувавме во систем којшто не заштитува, ги доверивме нашите тешко заработени средства во финансиска институција регулирана и контролирана од државата, рече Николоски.
Тој потсети дека основата на банкарски систем се депозитите на штедачите, како домашни така и оние на наши сограѓани со работа во странство, но за жал, како што рече, години наназад токму таа основа на банкарскиот систем односно штедачите се доведени да останат без своите тешко спечалени средства.
-Деновиве слушаме изјави од Народна банка како една од највисоките државни институции која се издига високо над банкарскиот систем, како истиот тој систем е стабилен и дека останатите банки се во одлична состојба. Сепак, до нашето Здружение секојдневно пристигнуваат пораки со прашања на штедачи што да прават со своите заштеди во банките. Истата таа институција чие име започнува со зборот „Народна“ и треба да служи на народот, сега е исправена пред нов предизвик да докаже дека служи на целиот народ вклучувајќи не и нас и да го реши овој наш проблем најбрзо и најефикасно, пред да бидеме сведоци на големи семејни трагедии, рече тој.
Николоски додаде дека има бројни ситуации каде членови продале личен имот и бидејќи според закон трансакцијата мора да оди преку банка, на трансакциска сметка која се смета како депозит по видување се заробуваат парите во Еуростандард Банка. Спротивно на тоа, според Николоски, има членови кои подолг период штеделе да купат свој дом за себе или за своите најблиски и сега средствата им се заробени и моментално се под кирија.
-Фирми страдаат исто така. Парите им се заробени целосно со пропаѓањето на банката. Доведени во тешка состојба, неможат да сервисираат долгови, немаат ликвидност, неможат да работат, вработените да земат плата, блокирани се, фирми се затвораат поради настанатата состојба. Фирмите се законски должни да работат со трансакции преку банка, ги користеле услугите на Еуростандард Банка. Има и фирми кои работеле само со оваа банка и сега сите пари им се заробени, рече Николоски.
Тој ги поттикна надлежните институции да ги испитаат сите наводни индиции за направени злоупотреби или непостапување по службена должност односно, како што рече, сторен криминал на лица на одговорни позиции во Еуростандард Банка при одобрувањето и пласирањето на кредити без соодветни покритија како и други можни малверзации кои се случувале во банката во тек на повеќе минати години под директна контрола и супервизија на Народна Банка. бт/нд/
Прес-конференција на Здружение на оштетени штедачи на Еуростандард Банка
Posted by MИА.mk on Четврток, 10 септември 2020