Нема „план Б“ за македонските ученици
Пандемијата го изненади македонското образование, како што поледицата го изненадува автобусот што не е редовно сервисиран. Во најголем дел од случаите, и автобусот што не се сервисира редовно ќе ја заврши работата како и тој што редовно се проверува, пишува БИРН.

На прав и сув коловоз, и двете возила ќе ги превезат патниците безбедно.
Но, доволно е еднаш во десет години, временските услови да изненадат и автобусот со лоши сопирачки и со летни гуми да изгуби контрола над замрзнатиот асфалт.
Оваа пролет токму тоа му се случи на нашето образование, кое со децении не е редовно и правилно „сервисирано“. Метафорички кажано, учениците се надвор од „коловозот“ дури седум месеци, чекајќи друг и посоодветен „превоз“ прилагоден за новите услови.
Долго преспано лето
„Номинирајќи Ве за министерка, бев убеден дека можам да сметам на Вашата целосна одговорност и посветеност во извршувањето на должностите. Токму затоа, очекувам резултати веднаш“, ова премиерот Зоран Заев ѝ го напиша на новата министерка за образование, Мила Царовска, во мандатното писмо.
Премиерот и дел од јавноста полагаат силна надеж во Царовска како нова министерка за образование, најмногу поради нејзиниот успех во Труд и социјала.
Впечатокот е дека токму во ова очекувања e спакувана „благата“ паника на Илинденска“ бр. 2 дека овој ресор летото го преспал – малку направил за навреме и во полн капацитет да почне учебната година, и покрај стопати повтореното предупредување оти наесен нè чека уште посилен бран на вирусот.
Старо-новата влада веќе на првата седница, на 1 септември, одлучи сите училишта да користат унифицирана платформа за учење од далечина.
Тоа практично потврди дека од јуни, кога стана јасно дека вирусот нема така лесно и бргу да замине, во трите месеци, сè до септември не биле направени основните подготовки за учебна година во новата реалност.
Следствено на оваа задоцнета одлука, доцна се презентираше и платформата за учење од далечина, на само 12 дена пред стартот на учебната година. Децата ги добија лозинките нецела седмица пред 1 октомври, а во меѓувреме наврат-нанос интензивно се обучуваа наставниците да го користат новиот софтвер.
Според информациите на БИРН, за време на техничката влада на седниците на Илинденска бр. 2, летово, воопшто не станало збор за какво било софтверско решение за учење од далечина зашто во Министерството за образование преовладувало уверувањето дека децата, сепак, ќе одат на училиште.
Впечатокот дека летото е преспано се потврдува и со одложениот старт на учебната година, како и со податокот дека во текот на летото не е купен ниту еден компјутер за учење од далечина. Поради задоцнетиот сигнал од централната власт, и општините во „5 до 12“ сфатија дека треба да набавуваат компјутери за наставниците под своја јурисдикција.
На пример, Општина Кисела Вода, дури во последната недела од септември донесе одлука за купување компјутери. Голема дилема е колку другите, меѓу кои и многу посиромашни општини, можат да помогнат во оваа ситуација.
Затоа не се малку примерите од целата држава што говорат дека некои наставници сега се ставени пред свршен чин да носат лаптоп-компјутер од дома.
„Тоа е како работниците од текстилната индустрија од дома да ги носат шивачките машини“, споредува за БИРН првиот човек на синдикатот на просветарите – СОНК, Јаким Неделков.
Министерката Царовска, на само две недели пред стартот на учебната година изјави дека Министерството со години набавувало интернет за училиштата, меѓутоа до сега сите училишта и училниците не биле обезбедени со интернет.
Затоа прашање е и колку во овој период сите училишта успеаја да набават интернет-пакети со солидна брзина и капацитет за да може повеќе наставници одеднаш да држат онлајн-часови.
Како илустрација дека дури сега се размислува за сите предизвици што ги носи избраниот модел на учење е тоа што дури сега се увиде проблемот оти за наставниците од прво до трето одделение, кои ќе им држат настава на децата в училиште, работата речиси се удвојува со тоа што паралелките ќе бидат поделени.
Ним сега неделно само предавањата ќе им одземат 40 часа, што со другите обврски в училиштата може да го надмине предвиденото работно време од 48 часа во една седмица.
Уште на самиот старт, пандемијата покажа дека македонскиот образовен систем, ниту има план Б, ниту, пак, може бргу да се прилагоди на вонредна ситуација.
Повеќе на Призма на следниот линк.






