„Ја чуваме македонската музика“ во Филхармонија

Под мотото „Ја чуваме македонската музика“ вечер во големата сала на Филхармонија ќе се одржи концерт на македонските евергрини. На концертот ќе настапат македонската оперска пејачка Весна Гиновска-Илкова, во придружба на камерниот оркестар Арко под диригентска палка на маестро Ерхан Шукри. Пијанистот Бобан Мирковски, кој ги направи аранжманите за овој концерт ќе ги придружува артистите на пијано.

–Среќна сум што ќе настапуваме под слоганот „Ја чуваме македонската музика„. Сметам дека е вистинско време да се потсетиме на македонските евергрини, кои се дел од нашата музичка традиција. Публиката ќе има можност да слушне нешто поразлично од оперската литература, тоа е музика која спојува многу генерации, која буди спомени од едно убаво време, вели Гиновска-Илкова.

Овој концепт на изведба на познати македонски евергрини, во помал формат беше изведен и минатата година во црквата Св. Софија во Охрид, во рамки на прославата 30 години независност на државата. Како што велат организаторите Баги Комуникации, токму одѕивот и реакциите на публиката беа мотив да се дополни програмата и да се понуди и на пошироката публика.

–Никогаш не било посоодветно време за промоција на слоганот „Ја чуваме македонската музика„. Сметаме дека македонската музика е едно од најголемите богатства што нашиот народ ги има, треба да бидеме горди и соодветно да ја чуваме. Тоа е музика со која пораснале многу генерации, со неа се радуваме, прославуваме, тагуваме и е дел од сите наши значајни моменти. Ќе се потрудиме и во иднина да ја продолжиме оваа традиција и преку проекти да потсетуваме за убавината на нашата музика, велат организаторите.

Back to top button
Close