Ја дискредитирате инженерската струка, реагира деканот Марковски за изјавата на Арсовска дека давал дијагностика за опожарениот мост по пижами

Откако деканот на Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски, неколкупати јавно укажа дека во Македонија нема лабораторија која може да утврди дали мостот „Беласица“ има трајни оштетувања предизвикани од пожарот, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, го обвини дека тој од дома по пижами давал дијагностика за мостот.

Во реакцијата по интервјуто со Арсовска, деканот Марковски за „360 степени“ вели дека градоначалничката девет месеци опсесивно и малициозно го споменува неговото име и дека со дискредитацијата кон него, таа ја дискредитира инженерската струка и крајно, целиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“.

Тој вели дека неговите реакции околу испитувањата на мостот се израз на општествена одговорност, а не на ширење паника. Во продолжение, ви ја пренесуваме неговата реакција во целост.

„Опсесивното десетмесечно малициозно споменување на моето име од страна на градоначалничката на град Скопје, неизоставно придружено со мојата полуинтимна ноќна облека, не може да биде оквалификувано само како таблоиден вокабулар или грешка во начинот на изразување. Особено не како ненамерна.

Очигледно, во недостиг на вистински стручни аргументи од областа на мостовите (што од правник, односно економист по вокација е и за очекување), станува збор за осмислен и, според мене, непримерен на функцијата која ја обавува, обид за моја лична и професионална дисквалификација, омаловажување и навреда.

Но, со тоа г. Арсовска, свесно или не, истовремено ги дискредитира и знаењето, инженерската струка, институцијата универзитетски професор и декан, како и Градежниот факултет и Универзитетот ’Св. Кирил и Методиј’ во целина. Со оглед на тоа што се работи за високообразовни и научни институции кои, покрај другото, претставуваат и столбови на нашата државност, секој обид за нивно урнисување, особено од страна на јавни личности, има опасни долгорочни последици.

И, на крајот, сакам да нагласам дека изнесувањето на личен стручен став и укажувањето на неопходните процедури и методи за квалитетно градење безбедни објекти, а во случајот на „козметички рефрешираниот“ и сѐ уште нецелосно пуштен во сообраќај мост ’Беласица’, за негово подетално испитување, претставува израз на општествена одговорност и е сѐ, само не ширење паника“,реагира деканот Марковски.

Пожарот на мостот „Беласица“ што ја поврзува Железничката станица со крстосницата кај трговскиот центар „Ист гејт“ во Скопје избувна околу полноќ меѓу 11 и 12 мај 2023 г.

Тој е клучна артерија меѓу двата дела на Скопје што ги дели реката Вардар, но по инцидентот извесен период беше затворен за да се провери дали има оштетувања и дали е безбеден за користење. Во моментов, по мостот се вози само по една лента во двете насоки.

Back to top button
Close