Ја добивме битката за македонскиот јазик

Факт е дека големото мнозинство Бугари, што научници, што обични луѓе не не признаваат како посебна нација и јазик туку не сметаат за „свои“. Па, што? Уште една причина зошто не треба да одиме во директен судир со бугарскиот национализам туку да го заобиколиме. Заобиколниот пат ни го отвори Унијата преку почеток на преговорите, паралелно со решавањето на историските теми со Бугарија. Владата го прифати тој пат. Грешат оние кои сакаат да ја жртвуваме нашата европска иднина за, прво да се пресметаме со Бугарија преку ревизија на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и  со ЕУ преку ревизија на „францускиот предлог“.

Грешат кога бараат, преку избори или референдум, да не симнат од патот која води кон Брисел додека Бугарите не признаат дека сме она што сме: посебен народ со посебен јазик. А, што ако на Бугарите им треба 100 години да го променат мислењето? Ќе чекаме и ќе се караме? Истата грешка сега ја прават и оние кои одбиваат Бугарите да влезат во уставот додека не го сменат своето мислење за македонската нација и држава. Дали нивното вклучување во уставот носи опасности? Да. Но, ако имаме лоши односи со Бугарија, значи ако не работиме посветено на помирување на „заедничкото“ со „посебното“, дури тогаш тие можат да го злоупотребат малцинството. Треба да научиме како се брани македонската нација во услови на слобода и демократија, зашто старите форми на одбрана веќе ги нема. Најдобра одбрана на македонската нација и држава е вистината. Потпишувањето на договорот Фронтекс со унијата на македонски јазик, покажува дека Бугарија ја изгуби битката за јазикот, тој знак на почит кон народот кој го говори. Ама мнозинството Бугари и натаму ќе веруваат дека македонски јазик не постои и дека е дијалект на бугарскиот. Па, што? Ние одиме со демократска Европа и со демократска Бугарија.

Но, нели Бугарија може да ги блокира нашите преговори или Бугарите во уставот може да бидат Тројански коњ? Може и едното и другото. Таков е светот во кој живееме, таква е меѓународната политика, гаранции нема за ништо. Но, ова што се случи вчера со потпишувањето на договорот со Европската унија на македонски јазик зборува дека државите членки мислат со своите глави. Тие, спротивно на мислењето на својот партнер Бугарија, изразија почит кон нашиот јазик и со тоа и кон македонскиот народ. Исто ќе се случи и по темата историја. Политичарите завршиле школи и имаат научници кои се држат до објективната научна вистина и кога е во прашање македонско-бугарскиот спор. Знаејќи по нешто од нивните гледишта и нивната политичка и историска литература можам да кажам дека нема посериозен научник или политичар кој не ја признава македонската нација и македонскиот јазик. Таквиот свој став никогаш не би го промениле под притисок било на Бугарија. Ама, тие западни историчари ќе речат и дека сме имале заедничка историја со Бугарија?  Па, што?  Тоа би можело да го зацврсти пријателстото меѓу македонскиот и бугарскиот народ во обединета Европа.  Едноставно, сакам да верувам во една европска иднина за Балканот. За некое идно време кога огромното мнозинство Грци ќе речат дека се благодарни што еден словенски народ  го отргнал од заборав името на древните Македонци  и ја нарекол својата дртжава Македонија а себеси Македонци.  Време кога огромното мнозинство Бугари, на фудбалските натпревари, со сета почит кон нашата посебност, ќе ги пеат зборовите на нашата химна за крушевската република, за Гоце Делчев Пити Гули, Даме Груев, Сандански…

Се разбира, „непореклива привилегија не секој човек е да ја докаже исправноста на својата теза дека светот е негов непријател; притоа, ако доволно долго ја повторува и ако таа стане основа на неговото поведение, со време, тој ќе биде во право“, пишува Џорџ Кенан во текст објавен 1947. Бројни наши политичари, професори и новинари веќе со години ја користат оваа привилегија на демократијатан  и слободата во Македонија во обид да направат од Европа и Америка наши непријатели.

.Денко Малески

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close