Ја имате поддршката од Македонија- Скопје го почитува суверенитетот на Украина

Премиерот Димитар Ковачевски денеска оствари телефонски разговор со неговиот украински колега Денис Шмигаљ, при што му ја изрази поддршката на Северна Македонија за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, соопшти владината Прес-служба.

Како што се наведува во соопштението, премиерот Ковачевски порача дека Република Северна Македонија ја осудува одлуката на Руската Федерација за признавање на украинските региони Донецк и Луганск како самонаречени „Народни Републики”.

„Во телефонскиот разговор со премиерот на Украина, Ковачевски ја оцени постапката на Русија како директен напад врз територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и како флагрантно кршење на меѓународното право“, се додава во соопштението.

Ковачевски на Шмигаљ му пренел дека Северна Македонија го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во меѓународно признатите граници, и дека, како и останатите НАТО сојузници, се приклучува кон повикот до Москва на решавање на конфликтот преку мирен и дипломатски пат.

„Претседателот на Владата Ковачевски за време на разговорот потврди дека Северна Македонија е усогласена со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и НАТО во однос на санкциите кон Руската Федерација, како одговор на нејзините непринципиелни постапки“, се нагласува во соопштението

Back to top button
Close