А, малку шарм и во македонската надворешна политика?

Денко Малески
„Ќе направиме се што е потребно за конечно да седнеме како рамноправни на масата на ЕУ“ , му порача вчера на Брисел премиерот на Албанија Еди Рама.
Пред тоа, во една офанзива на шарм, падна на колена пред премиерката на Италија Мелони. Тоа така се прави во меѓународната политика.
Кога претседателката Сијановска-Давкова и премиерот Мицковски ќе ја испратат истата порака, и кога ќе се обидат да ги шармираат соговорниците, а не да им докажуваат колку грешат, тогаш ќе знаеме дека се со намера да ја „одглават“ државата. Но, тоа нема да се случи зашто, едноставно, луѓето се вакви или онакви.  По углед на претседателката, која, имам впечаток, им држи предавања по уставно право на соговорниците, премиерот доследно ја спроведува „политиката на исправена кичма“. Така, и двајцата се во перманентна кампања на докажување на странците колку грешат и колку ние сме во право. И тоа токму во меѓународната сфера каде најмалку има правда. Ако не верувате, прашајте ги Палестинците.
Дипломатијата не е процес низ кој му докажуваш на соговорникот колку греши а колку си ти во право, туку процес на придобивање на другата страна за својата кауза. Најдобриот начин да ги придобиеш членките на сојузот на кој сакаш да му се приклучиш е да им порачаш дека „ќе направиме се што е потребно“, и шармантно да паднеш на колена, а најлошиот е, со физиономии на Бастер Китон,  да влегуваш во полемики со оние кои „ги молиш“. Е, бидејќи ние постојано се расправаме, резултати нема.
Во тоа деценијско расправање, македонските политичари создадоа една забуна во јавноста. Имено, дека ние преговараме со ЕУ за условите за прием во членство. Погрешно. Ние преговараме за исполнување на услови на сојузот на кој сакаме да му се приклучиме. Тоа, како што веќе искусивме, знае да биде тешко зашто сојузите се создаваат за да ги бранат интересите на своите членки, па ако имате отворен проблем со една членка, имате проблем со сојузот. Значи, со правото на вето, се што доаѓа од Брисел како став на сојузот треба да се смета за услов. Барем тоа можевме да го научиме од четвртвековното искуство со Грција.  На почетокот од независноста, грчкиот услов на сојузот беше да се реши прашањето за името ( и античката историја) на новата држава. Барање кое, значи кршење на меѓународното право, барем кога станува збор за името. Денес, услов за прием во ЕУ е дијалог меѓу Северна Македонија и Република Бугарија за историјата.
Новата власт во Македонија не гледа на работите така: таа, повикувајќи се на Копенгагенските критериуми, не сака да преговара за условот кој не и се допаѓа. Додуша, во Копенхагенските критериуми има услов за правата на малцинствата, па „Бугарите во уставот“ може да се подведе под таа рубрика, но, факт е, дека од аспект на меѓународното право, никој не смее да и диктира на суверена држава што и кого да стави во уставот. И бидејќи ја има поддршката на гласачите, официјалната македонска надворешна политика која се повикува на правото и правдата а не на дипломатијата која подразбира преговори и компромиси, и натаму ќе не држи заковани во место.  И да не заборавиме: во 1993, да се држеа тогашните македонски политичари стриктно до меѓународното право, ќе ја отфрлеа референцата и? И немаше да станеме членка на ОН.

Back to top button
Close