Ја паметите ли „Молчењето на морето“ од Веркор?

Можеби новелата „Молчењето на морето“ со ЕУ-средства би требало да се отпечати истовремено во Македонија, Бугарија и Грција како мировен проект, како задолжителна лектира за учениците на Балканот. 

Ja паметите ли црвената книшка „Молчењето на морето“ од Веркор? Онаа што беше дел од 105-те книги со црвени корици во прочуената едиција „Реч и мисао“ на издавачката куќа „Рад“ од Белград? Ја имаше речиси секоја фамилија во поранешна Југославија. Цената беше пристапна, а едицијата во себе обединуваше и дела кои беа задолжителна лектира во југословенското образование. Култната новела „Молчењето на морето“ (Le Silence de la Mer) имаше само 63 страници и беше објавена на српско-хрватски 1964-тата. Тоа не е само доказ дека југословенските издавачи се ориентираа според „западните“ европски вредности. Претпоставувам дека тоа беше во духот на антимилитаризмот, иако секоја година моравме да учествуваме во „вежбањето војна“ во општонародна одбрана. Сепак, не верувам дека имаше мој врсник што не се восхитил од пораката во „Молчењето на морето“.

Во неа еден Французин сонуваше за тоа како може да изгледа пријателството помеѓу два народа. И тоа уште во времето кога едниот од нив, германскиот, ја беше окупирал неговата татковина! Така една длабоко поетска книга стана симбол за „молчењето како израз на отпор“. Францускиот писател Жан Марсел Брулер (Jean Marcel Bruller), самиот активен во отпорот против германскиот окупатор, во првата година од окупацијата на Франција ја пишувал книгата „Молчењето на морето“, која „Le Monde“ ја помести во 100-те најдобри книги. Ја отпечати 1942-тата во Женева, под псевдонимот Веркор (Vercors), што, всушност, е името на планискиот масив во француските Алпи близу Гренобел, а тоа бил познатиот терен на кој дејствувала француската „Resistance“. Второто издание е објавено 1945-тата, а кога книгата стигнала кај генералот Де Гол, тогаш во егзил во Лондон, тој издејствувал да се преобјави во значително поголем тираж. А откако „Молчењето на морето“ дошло и во рацете на режисерот Жан-Пјер Мелвил (Jean-Pierre Melville), тој 1947-тата го сними првиот филм според оваа подлошка.

„Збогум!“

Германскиот неделник „Der Spiegel“ известува на 4-ти февруари 1949-тата за премиерата во Париз на филмот во кој било изговорено едно од најславните „Adieu“ (збогум). „Го изговара младата Французинка во новелата, единствениот збор што му го кажува на германскиот офицер. Таа и нејзиниот вујко молчат кога офицерот, сместен во нивната куќа по наредба, зборува за неговата љубов за Франција и за неговата верба во пријателството меѓу народите. Кога разочаран мора да признае дека ги сфатил немилосрдните цели на германската политика, па душевно скршен и поразен се збогува од нив, Французинката го изговара речиси нечујно својот единствен збор ‘Аdieu’“, пишува „Шпигел“.

Германскиот офицер Вернер фон Ебренак во „Молчењето на морето“ е високообразован благородник, композитор. Тој и младата Французинка имаат една заедничка љубов – музиката на Бах. Секоја вечер тој се појавува, учтиво и кратко, во салонот на домаќините во цивилна облека. Симнувајќи ја униформата, сака да покаже дека доаѓа како пријател, а не како окупатор. Додека тој сонува гласно за француско-германското братство или за бракот помеѓу двете големи култури, домаќините молчат како што молчи морето. Тие не сакаат ниту со најмала гримаса да покажат дека се свесни за неговото присуство. Тој тоа го почитува и продолжува да им говори за својот восхит за француската литература, а една вечер си дозволува да го отсвири на клавирот прелудиумот на Бах. Потоа вујкото ја прашува внука си дали не е нечовечки да не му се даде ниту милостината од еден единствен збор. Внуката молкум отсечно одбива.

Говорот на молчењето

Тоа го знае Вернер фон Ебренак додека секоја вечер тивко застанува зад неа, а таа седи плетејќи молкум во фотелјата пред каминот. Огнот е единствената динамична точка во миговите на молкот. Брулер (Веркор) суптилно ја ползува метафората со огништето, огнот и топлината како замена за неможноста за комуникација меѓу младата Французинка и младиот Германец, кој секоја вечер доаѓа да се стопли крај каминот. Тоа по што тој копнее и што би било возможно доколку не беше дошол во татковината на своите домаќини како окупатор, е исконскиот копнеж по топлината на домот, по љубовта на младата Французинка, по срдечноста на гостопримството. Затоа тој е симбол за германската култура, која и самата е загрозена од варварството на Третиот Рајх. Еден таков благородник како Фон Ебренак, грофот Фон Штауфенберг, неуспешно се обиде 1944-тата да изврши атентат врз Хитлер.

Ретко во литературата има посилна слика за нечовечноста на секоја окупација, за замреноста на животот во војната, како оваа слика, изразена во „молчењето“, длабоко како морето. Сепак, Фон Ебренак го разбира тоа, и говори пред молчаливата Французинка за својата љубов за морето, за „говорот“ на неговото молчење. Додека стои пред каминот и гледа во редиците книги во библиотеката, тој вели дека кога Франција и Германија ќе бидат обединети, тогаш ќе огрее сонцето над Европа. По кусото патување во Париз, каде ги среќава своите германски соборци, тој сознава дека неговата визија е илузија без темел, затоа што армијата во која служи сонува да ја уништи Франција. Тогаш му станува јасно дека окупацијата е злосторство. На последната вечер ги известува своите домаќини дека побарал да биде префрлен на Источниот фронт, во пеколот на војната, што е еднакво на самоубиство.

На Балканот сѐ е поинаку

Новелата на Веркор доживеа уште една екранизација 2004-тата, но и неколку изданија на германски. Првото 1948-тата, а последното 1999-тата, кај „Диогенес“, во Цирих. По повод тоа издание пишува рецензентот на FAZ, Јозеф Ханиман (Joseph Hanimann), дека шест децении по објавувањето на францускиот оригинал 1942-тата и четири децении од почетокот на германско-француското пријателство, „морето“ на Веркор денес поинаку „молчело“. Подалечно, помалку звучно. Молчаливата млада Французинка, во меѓувреме, сега како мајка, сигурно веќе ја посетила со своите деца СР Германија или ГДР. Или како баба веќе разбрала за германското обединување. Според Ханиман, германскиот офицер Фон Ебренак сигурно не го преживеал Источниот фронт, но тој со своите долги монолози пред каминот им ја понуди на две или три генерации интелектуалната шема за германско-француското пријателство. Токму затоа е многу значајно оваа новела да се прочита повторно, за да се разбере дека процесот на создавање пријателство меѓу два соседни народа со драматична историја, е најмалку административен и политички чин како што е потпишувањето на договор.

Онаму, каде што уште во текот на војната немало сознание, на едната или на другата страна, за тоа на кои темели може да настапи мирот меѓу двете земји, пријателството за нив ќе биде тешко замисливо дури и како слика и приказна. Не е чудно зошто немаме вакви приказни од литературата за Втората светска војна на македонски и на бугарски. Како и на македонски и на грчки. Имено, уште по Првата светска војна во Франција и во Германија имаше луѓе кои сакаа да прекине лудилото на војните и конфликтите за територии. Меѓутоа на Балканот, дури и денес, кога соседите на Македонија се одамна членки на ЕУ, работите изгледаат малку поинаку. Ние во Југославија ја читавме новелата на Веркор уште 1964-тата, но особено во времето на Студената војна, кога двата соседа на Македонија, Бугарија и Грција, уште се наоѓаа или под диктатурата на „воената хунта“ или во затворениот светоглед на Варшавскиот блок. Затоа не зачудува зошто кај македонските соседи небаре историското време да застанало по Балканските војни. Бугарија има „амнезија“ за тоа што правела во Втората светска војна, а Грција во Граѓанската војна, иако по Преспанскиот договор во грчката јавност се појавија повеќе критички документации и новински написи за Граѓанската војна отколку во сите изминати седум децении. Можеби новелата „Молчењето на морето“ од Веркор, со ЕУ-средства би требало да се отпечати истовремено во Македонија, Бугарија и Грција како мировен проект, како задолжителна европска лектира за учениците на Балканот. Од друга страна, мојата генерација ја читаше „Молчењето на морето“, но и „На Западот ништо ново“ од Ремарк, а, сепак, доволно беше да се појават пропагаторите на војните, за да завладее општа амнезија за сите визии за мирот. Знам, тие што ги пропагираа постјугословенските војни никогаш не го читаа „Молчењето на морето“. А можеби и го читаа? Па, нели Караџиќ пишуваше поезија? На Балканот отсекогаш е се‘ поинаку…

Кица Колбе

извор: ДВ

Back to top button
Close