А пари – од каде?

Дали владините 26 економски мерки во вредност од 400 милиони евра, наменети за заштита на животниот стандард и за одржување на ликвидноста на компаниите, се соодветен одговор за актуелните предизвици? Според власта – да, според опозицијата – не. Стопанствениците со внимание ги следат берзите, растечките цени на енергенсите, она што го нудат  владините мерки  и она што го предлага опозицијата.

„Наместо реални мерки кај нас повторно гледаме натпревар на политичките партии кој повеќе ќе помогне со социјалните мерки“, вели Горан Рафајловски, стопанственик.

„Бизнис заедницата уште на почетокот на пандемијата бараше од Владата да се задолжи и парите да ги пласира во стопанството директно. За жал, тој повик се разбра погрешно и се тргна кон мерки кои само ја ублажуваат тешката економска ситуација која настана од здравствената криза. Стопанството во С. Македонија е со мал и нестабилен капацитет поради постојаните политички промени кои предизвикаа нестабилно општествено опкружување. Партиите никогаш не застанаа зад бизнисот (ако не сметаме на партиските новоформирани компании кои никнуваат, се збогатуваат и се губат со секоја политичка промена) што го донесе реалниот бизнис до граница на одржливост“, укажува Рефајловски.

За жал, ниедна неволја не доаѓа сама, вели тој. Сега  здравствената криза е заменета со воена,  која уште повеќе ја продлабочува економската криза и предизвикува колапс на стопански гранки на светско ниво.

„Наместо реални мерки, кај нас повторно гледаме натпревар на политичките партии кој повеќе ќе помогне со социјалните мерки! Бизнисот овојпат има само едно прашање – од каде пари за истите? Намалувањето на акцизите и данокот само ќе ја зголеми и онака големата буџетска дупка и прашањето е – како ке ја пополнат? Ако сметаат дека стопанството може да го направи тоа, ние од бизнисот ќе поставиме прашање – каде бевте да ни помогнете кога  струјата  поскапе за повеќе од три пати, а цената на гасот е зголемена речиси за пет пати. На крајот, сакам да ѝ посакам среќа на нашата земја во изнаоѓање на средства за овие мерки, затоа што овој пат стопанството нема да може да го покрие овој трошок и да го преземе главниот товар на својот грб“, порачува Рафајловски.

Кој модел е подобар?

А натпреварот меѓу партиите продолжи и вчера.

„Наместо да го прифати предлогот за намалување на акцизата кај  нафтените деривати,  како што предлага ВМРО-ДПМНЕ, со што цената на бензинот од утре би се намалила за 13 денари, а на дизелот за девет денари, премиерот Ковачевски предложи комплициран модел за намалување на акцизата, кој не само што не го разбра јавноста, туку и не гарантира дека ќе придонесе за намалување на малопродажната цена на горивата“, реагираа од најголемата опозициска партија.Владата во Скопје усвои 26 мерки за ублажување на економската криза

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, смета дека е подобар и поодржлив моделот што го предложила Владата за намалување на цените на нафтените деривати, отколку ако се пристапело кон еднократно намалување на акцизите.

„Гарантираме дека овој модел, независно дали има пораст на цената на берзата или намалување, ќе осигура намалување на цените и ќе ја постигне целта затоа што има два параметра кои се битни. Со опаѓање на цената на берзата има дел од акцизата за кој велиме ќе го вадиме и се откажуваме од приходот и дополнително се откажуваме од 8 процентни поени од ДДВ за сите нафтени деривати и за гасот. Многу е лесно да кажете дека во овој момент треба да ги намалиме акцизите за 50 или 60 или, пак, за 100 отсто, но кои се реперкусиите за тоа? Секогаш треба да се грижите за приходната страна и да знаете кој ќе биде негативниот ефект“, рече Битиќи.

Законските решенија со кои ќе треба да се намали ДДВ-то и акцизата за горивата се веќе подготвени и Владата се надева дека ќе бидат брзо донесени со оглед дека се носат по скратена постапка.

И системски, и палијативни мерки

Но, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека „сега, кога  духот на инфлацијата  е веќе излезен од шишето“, Владата и НБРМ мора да преземат и системски, но и палијативни мерки за заштита на стандардот. Од партијата предлагаат неминовно и неодложно зголемување на платите во јавната и државната администрација, во образованието, здравството, полицијата, армијата, државната управа на централно и локално ниво, како и јавните претпријатија, и зголемување на пензиите за 20%.

„За оваа цел, потребен е итен ребаланс на државниот буџет. Со кратење на непродуктивни трошења може да се обезбедат средства за зголемување на платите и пензиите во насока на подобрување на животниот стандард на граѓаните. Паралелно со ова, треба да се зголемат средствата за блок дотации и други трансфери кон единиците на локалната самоуправа, за и тие да можат да ги зголемат платите на своите вработени и да ги покријат енормно зголемените трошоци за електрична енергија“, рече Трајко Славески.

Тој порача дека „во овие моменти само парламентарни избори, нова власт и нови конкретни мерки се најрационалното решение, бидејќи секој ден со ДУИ и СДСМ значи подлабоко тонење во криза“.

Социјалдемократите велат дека не е првпат опозицијата да се обидува да ја исплаши јавноста дека македонската економија само што не пропаднала. Тие ја повикаа ВМРО-ДПМНЕ да ја признае успешноста на пакетот мерки и во Собранието да ги изгласа потребните закони за нивна реализација.

Дел од економистите вчера во јавни настапи оценија дека во овој момент генерално мерките се во ред, но некои потенцираа дека „не е во ред пониска цена за  парно греење да важи за сите Скопјани, независно од нивната материјална положба“.

извор: ДВ

Back to top button
Close