Ја победи ли правдата политиката во Австралија?

Заврши ли конечно планетарниот спектакл со најдобриот спортист во светот Новак Ѓоковиќ со праведна судска одлука, или можни се уште изненадувања? Дали пресудата на судот означи победа на правдата над политиката, или пак премиерот Скот Морисон и владата само до тука сакаа да ја покажатсвојата моќ и грижа за граѓаните во екот на пандемијата, кога се регистрирани најмногу заболени и смртни случаи, но и пред избори? На овие прашања најдобар одговор ќе дадат познавачите на комплицираниот за нас политички и правосуден систем на Австралија и настаните кои ќе следат, бидејќи случајот кој беше во центарот на вниманието на светската јавност ги надмина и Ѓоковиќ и спортот.

Во моментот додека го пишувам текстот турнирот Австралија Опен се чини може да почне во предвидениот термин со учество на светскиот рекет број еден, ако министерот за имиграции со дискреционо право не одлучи поинаку.

Владата за 30 минути да го ослободи Ѓоковиќ

Она што го привлече посебно моето внимание, а верувам и на голем број не само обични граѓани на Македонија, туку на комплетната стручна јавност, имајќи ја предвид нашата повеќегодишна актуелна состојба со правосудниот систем и владеењето на правото, е одлуката и образложението на судијата Ентони Кели да го поништи укинувањето на визата и да ѝ нареди на австралиската влада да ги плати правните трошоци и за 30 минути да го ослободи Ѓоковиќ од притвор.

Ви се молам, во директен ТВ-пренос пренесуван на повеќе континети, судијата ѝ нареди на владата да го ослободи Ѓоковиќ и да ги плати трошоците. Дури и си дозволи да каже нешто што за наши прилики, па и за многу други земји отстапува така да речам од судскиот јазик:„Што уште овој човек требаше да направи?“.

Иако ништо не знам за правниот ситем на Австралија, претпоставувам дека ваквата пресуда таму не е големо изненадување и не претставува посебна судиска храброст, туку нешто прилично можно, дури и вообичаено кога ќе се судрат политиката и правото. Не беше нормален целиот циркус што се направи да се манифестира на овој начин големата грижа за заштита од пандемијата во Австралија.

Изненадувањето е кај нас и на целиот Балкан, како некое чудо големо, бидејќи политиката редовно е над правото, а и кога во ретки случаи судството се издигнува над политичките и јавни притисоци, нема така јасни и гласни образложенија, ниту за изречените казни ниту пак за ослободителните пресуди, особено кога станува збор за случаи во кои е замешана политиката, или главни актери се личности од високата политика.

Недовербата во правосудниот систем во Македонија е толку голема, што речиси за секоја пресуда има повеќе вистини лансирани од партиските штабови, медиумите и социјалните мрежи. Се разбира, голем дел од вината за ваквата недоверба има и во сите инстанци на правосудниот систем, почнувајќи од судовите за прекршоци, јавните обвинителства, основните судови , апелациските судови, врховниот суд, управните судови до уставниот суд и највисокиот законодавен дом, Собранието, вклучувајќи ги и сите други институции кои се значајни во судските истраги и вештачења.

Корупцијата и политичкото влијание врз судството е најголемата препрека на владеењето на правото, потврдуваат сите досегашни истражувања на јавното мислење за причините за големата недоверба во судската власт. Тоа го потврдуваат и обвинителите и судиите во неформалните разговори, а во неколку ситуации еден дел од нив и при ретки јавни настапи.

Зошто нема казни за попречување на правдата

На пример, суштинско е прашањето дали во македонското законодавство има казнени одредби за обидите за попречување на правото од позиција на моќ. Ако има таква децидна казнена одредба, зошто досега ниту еднаш не е применета иако имаше повеќе такви обиди на попречување наnovak правдата од високи државни и владини функционери при повеќе судски процеси? Не паметам некој обвинител, или судија, да се огласил јавно дека е соочен со директен обид за попречување на правдата, дури и кога тоа јавноста го слушна од прислушуваните разговори.

Најкарактеристичен беше силниот притисок врз работата на Специјалното јавно обвинителство кое заврши со негова компромитација и со пресуда на специјалниот јавен обвинител, иако еден дел од предметите сѐ уште се во постапка, а за некои и паднаа пресуди.

Последниот случај со ослободување од притвор на Сашо Мијалков и на Јордан Камчев наместо јасно образложение на апелацискиот суд, незадоволството од одлуката го толкуваше јавниот обвинител во новинарско интервју со голем број контроверзи и нејаснотии во потрага по виновници надвор од правосудниот систем и од евентуално влијание на политиката. Работата излезе – еднаш важи гаранцијата со висина на износот да се бранат од слобода Мијалков и Камчев, другпат не важи истата, или повисока гаранција.

Сигурно постојат многу посоодветни паралели за судирот на правото и политиката, многу покарактеристични за нашите искуства со владеење на правото од она што се случи во Австралија, меѓутоа актуелноста на случајот и големиот интерес во светот со својата асоцијативност се наметнува и кај нас, пред сѐ со улогата на судството да се спротивстави на политиката и на притисоците од центрите на моќ и од власта. На ваквите случаи се воспоставува довербата во судството и победа на правдата и се гради таканаречената правна култура, што е предуслов за изградба на демократско општество.

Eрол Ризаов

Back to top button
Close