А зошто да не: градски референдум за „Универзална сала“?

Јавната дебата за судбината на „Универзалната сала“ во Скопје се води на вистински начин: аргументите и размислите за начинот на кој ќе се редефинира изгледот, капацитетот, содржината и локацијата на ова градско здание со импресивна културна историја добро се изложуваат од сите спротивставени страни, без разлика и на цинизмот и на политичката нетрпеливост што лесно може да се детектираат во некои од ставовите. Па, и тоа е нормално.

И јас, како и илјадници други скопјани, а и граѓани од другите градови на Македонија, ја чувствувам „Универзална“ како дел од моето лично културно искуство, како формативно место за еден важен дел од мојот светоглед, не само во областа на изведувачките уметности и културата. Бидејќи живеам на некои 200-300 метри од салата, и денеска, кога тоа тажно и градежно потрошено здание стои како скелет на некој урбан и одамна мртов диносаурус, секојдневно се меткам низ околните кафулиња („Броз“, „Че“, „Белиер“…) и безобразно се гојам во „Силбо“ и „Апче“ (ах!!!), лесно закажувајќи средби и состаноци „кај Универзална“.

Таа зграда денеска е грда на изглед, но пребогата со незаменливи спомени од многу младости. Затоа и дел од сегашните расправи се полни со „непрактични“ емоции, бидејќи бројот на паркинг места, квадратурата или сообраќајната пристапност за објективните потреби на еден таков објект не можат да конкурираат на „духот“ што „Универзална сала“ го нормираше кај скопјани на начин што на многу други модерни и далеку поадекватни архитектонски зданија – да речеме, новата зграда на Филхармонијата – ќе им треба уште години, ако не и децении за да се „соединат“ со својата публика. Во светот на уметноста и културата тие ментални, стимулативни искуства се нарекуваат „сублиминални“ и се условот без кој не може да се постигне соединувањето на духот и изведбата во уметничкиот израз, колку и да е таа изведба технички совршена.

колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close