Абас: Хамас може да биде партија ако го признае Израел
Палестинскиот претседател Махмуд Абас изјави дека радикалното движење Хамас би можело да стане политичка партија доколку ги прифати принципите на Палестинската ослободителна организација (ПЛО), која го признава Израел и го поддржува решението за две држави.
– Хамас сè уште има можност да стане политичка партија доколку ги прифати принципите на ПЛО, која го признава Израел, ги почитува неговите меѓународни обврски и го поддржува решението за две држави, рече Абас во интервју за италијанскиот весник Кориере дела Сера.
Тој нагласи дека Палестинската управа работи на подготовка на два законски предлози – еден за избори и еден за политички партии, како и дека парламентарни и претседателски избори би можеле да се одржат во рок од една година по завршувањето на конфликтот.
– Работиме на два законски предлози: еден за избори и еден за партии, додаде Абас, најавувајќи дека вестите за подготовка на преоден устав ќе бидат објавени во наредните месеци.
Палестинскиот претседател на 7 ноември ќе ја посети Италија и ќе се сретне со папата Лав XIV.