Абдулменаф Беџети: „Нема никаква логика, во една секуларна држава, науката и религијата да прават вакви непринципиелни коалиции“

Како е составуван Меморандумот потпишан од првите луѓе на МАНУ, УКИМ и на МПЦ-ОА? Како науката се здружи со религијата и зошто во „Mанифестот“ не фигурира воопшто уставното име на државата

Академик Абдулменаф Беџети најавува за „360 степени“ дека ќе бара одговорност од Љупчо Коцарев; ректорот Никола Јанкуловски се повикува на изјава што ја одобрила Ректорската управа на УКИМ, а владиците Тимотеј и Петар сметаат дека Меморандумот е добар гест

Академик Абдулменаф Беџети, член на Претседателството на МАНУ, се оградува од Меморандумот насловен како „Македонски манифест“, зад кој вчера застана првиот човек на највисоката научна институција во земјава Љупчо Коцарев, заедно со ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски и поглаварот на МПЦ г.г. Стефан.

Во изјава за „360 степени“, Беџети вели дека Претседателството на МАНУ, каде што тој е член, воопшто не било консултирано за Меморандумот и дека за тоа ќе побара одговорност од Коцарев.

„Не бевме воопшто консултирани како членови на Претседателството и за тоа Коцарев ќе одговара пред Собранието на МАНУ. Неговиот гест е многу нелогичен, ама не му е првпат. Нема никаква логика, во една секуларна држава, науката и религијата да прават вакви непринципиелни коалиции како што е коалицијата што овој пат ја направија првите луѓе на МАНУ, УКИМ и на МПЦ – вели Беџети посочувајќи, меѓу другото, дека православната верска заедница не е единствената во С Македонија ниту е единствена во Уставот на државата.

Академикот вели дека ќе покрене внатрешна постапка за утврдување одговорност на Коцарев и ќе побара одговор од него кој го овластил во името на МАНУ да објавува манифести зад кои не стојат сите академици или органите на Академијата.

„Го почитувам Коцарев како научник, кој е беспрекорен во својата област, меѓутоа тоа не е исто со водење институција каква што е МАНУ – нагласува Беџети посочувајќи дека пред од околу еден месец претседателот на МАНУ направил и друг „гаф“ кога на годишнината на институцијата најавил враќање на контроверзната Енциклопедија.

повеќе

Back to top button
Close