Абрахам: Шолц мора силно да ја притисне Бугарија

Канцеларот Олаф Шолц мора да ја притисне Бугарија да го тргне ветото за Северна Македонија во ЕУ, вели за ДВ пратеникот на опозициската ЦДУ во германскиот Бундестаг, Кнут Абрахам.

Веродостојноста на процесот на проширување на ЕУ и мотивацијата на Западниот Балкан за такво нешто може да се вратат со почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, вели во разговор за ДВ, германскиот пратеник и член на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот од редовите на ЦДУ, Кнут Абрахам.

Германскиот канцелар Олаф Шолц во петок (10.06) ја започнува мини-балканската турнеја во рамките на која, во сабота, ќе ги посети Скопје и Софија, во обид да издејствува решение за спорот меѓу двете земји и почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ.

Абрахам смета дека притисокот мора да се насочи кон Софија.

„Мораме да извршиме огромен притисок врз пријателите во Софија и да им укажеме дека билатералните прашања, како што е македонско-бугарскиот проблем, не смеат да го блокираат целиот процес на проширување на Западниот Балкан“, вели Абрахам за ДВ.

Во тој контекст, објаснува Абрахам, ЕУ и Германија имаат механизми да ја натераат Бугарија да го тргне ветото.

„Тука мислам на очекувањата на бугарската влада од ЕУ, но и билатералните очекувања, и ние мора тоа да го искористиме за да им ставиме јасно до знаење на пријателите во Софија, дека овој проблем е таков, што мора да се решава на билатерално, а не на европско ниво“.

Абрахам смета дека на сите земји-кандидати за членство во ЕУ треба да им се даде можност за поблиска интеграција, во прв ред економска, со Унијата уште пред да станат членки. Коментирајќи ја таквата идеја на францускиот претседател Емануел Макрон, Абрахам вели дека поентата не е тие земји да останат надвор од ЕУ, туку економската асоцијација да биде еден од чекорите кон полноправно членство.

„За нас во ЕУ е важно да разгледуваме модели во кои државите ќе усвојуваат делови од европското законодавство, особено за внатрешниот пазар, и на тој начин ќе можат да имаат корист од економските предности на Европа без да бидат полноправни членки,“ вели Абрахам.

„Таквото поврзување или членство во внатрешниот пазар е чекор кон полноправно членство, а не замена за полноправното членство“.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close