Абрамович посредувал меѓу Киев и Москва за мир
Рускиот милијардер и поранешен сопственик на лондонскиот премиерлигашки тим Челзи, Роман Абрамович, бил посредник меѓу Киев и Москва во плановите за мировни преговори, потврди украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Зеленски рече дека Абрамович се сретнал со него во Киев со порака од Русија и му понудил одговорот директно да му го достави на рускиот претседател Владимир Путин. „Му реков да му пренесе дека нема да ја напуштиме нашата територија. Нема да ви ја дадеме победата на таков начин“, рече Зеленски, осврнувајќи се на Донбас. Тој додаде дека му рекол на Абрамович да му каже на рускиот претседател дека е подготвен да се сретне со него „во секое време и на секое место, освен во Русија и Белорусија“, билатерално или со американскиот претседател Доналд Трамп и европските лидери. Тој не кажа кога се одржала средбата, но „Фајненшл тајмс“ објави дека тоа било кон крајот на мај оваа година. Велика Британија воведе санкции врз Абрамович кратко по руската инвазија на Украина во 2022 година поради неговите врски со Путин. Тој претходно беше вклучен во преговори со Москва и наводно одигра улога во организирањето на размена на затвореници во 2022 година, кога петмина Британци заробени додека се бореа за Украина беа ослободени.






