Ацевски ги повика надлежните институции да утврдат дали имало прекршувања при набавката на битумен

Директорот на јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта Костадин Ацевски денеска на прес-конференција ги отфрли како неосновани обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека е сторен криминал од околу четири милиони евра при набавка на битумен.

Ацевски нагласи дека целата постапка е спроведена согласно Законот за јавни набавки и дека секоја заинтересирана фирма можела да учествува на тендерот. Ги повика надлежните институции да ги преземат сите потребни мерки за утврдување на евентуални прекршувања на законите, а од опозицијата побара доколку е сигурна во своите тврдења, да поднесе пријава против него, но и против поранешниот директор на јавното претпријатие „Улици и патишта“ и актуелен претседател на партиската Комисија за инфраструктура Синиша Ивановски поради тоа што во 2017 година во многу поволни услови на пазарот потпишал договор со цени на останати трошоци поголеми за три до четири пати во однос на цените од договорот во 2022 година.

– Од овој графички приказ можете да видите дека цената на сите останати трошоци во вкупната цена во договорот од 2022 година е со најнизок процент во однос на договорите за 2015, 2016 и 2017 година кога се движи меѓу 63 и 70 проценти, иако цените на дизел горивото тогаш биле двојно пониски, рече Ацевски.

Поништувањето на постапката, според Ацевски, би довело до два и пол месеци неработа на претпријатието, загрозување на безбедноста во сообраќајот и неасфалтирање на 21 магистрален и регионален патен правец или над 70 километри патишта.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, денеска поднесе претставка до Антикорупциската комисија за набавката на битумен.

– Денеска до ДКСК, поднесовме претставка за набавката на битумен од Костадин Ацевски, кадар на СДСМ, во име на Македонија пат. Ацевски потпишал договор во којшто од тендер вреден 10 милиони евра, прифатил само за транспорт да плати 4,5 милиони евра, речиси половина од овој тендер се за транспорт. Во прилог на оваа претставка го поднесовме и договорот за јавната набавка, каде што се гледа методологијата, според која што има фиксен и променлив дел. Променлив дел е цената на битуменот, заради берзанските цени, додека фиксниот дел се однесува на транспортот, маржите и давачките, и којшто дел всушност ја определуваат најповолната понуда на тендерот за вакви набавки, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

 

 

 

Back to top button
Close