Ацо Ристов, предлог за нов претседател на РКЕ беше еден од најбогатите градоначалници и бизнисмени, тежи над 627 илјади евра

Ацо Ристов, поранешен градоначалник на Радовиш од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кој на последните локални избори не се бореше за уште еден мандат, денеска со седум гласа „за“, два против и ниеден глас воздржан беше изгласан од членовите на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата како предлог за нов претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Тој како поранешен локален шериф во Радовиш котираше на високото осмо место на листата на богаташи. Ристов тежи 627.326 евра, а од недвижен имот поседува земјиште, градежно земјиште, куќа од над 500 метри квадратни и уште една куќа за одмор во Радовиш, како и два стана во Скопје. Сепак, тоа што не е познато е дека на негово име имаше и две фирми, кои не можеа да се пронајдат во анкетниот лист.

Едната од нив е „Дариа ДООЕЛ Радовиш, основана во далечната 2011 година кога „вмровците“ беа забетонирани на власт на чело со Никола Груевски. Тој до пред извесно време се водеше и како сопственик на компанијата, а нејзин управител беше извесна Ѕвезда Андонова. Втората фирма е „ЗВК Бел Камен Серта“ , каде освен него во сопственичката структура влегуваа уште тројца други.

Но, тоа што е чудно во целата приказна е дали тој пред време се спремал за претседателското место во РКЕ, па наеднаш неговото име исчезна од сопственичката структура и на двете компании?

Според податоците од Централниот регистар, тој при средината на февруари ја отстапи на друг сопственик својата компанија за проектирање и изградба на мали хидроцентрали која му носи по неколку стотици илјади евра добивка секоја година. Како нов сопственик и управител  на производната хала како подружница на Алфа Инжинеринг Дооел Скопје е сметководителката од Радовиш, Ѕвезда Андонова.

Според порталот Фактор, Ристов е сопственик на три мали хидроцентрали. Неговата компанија има удел во Еко Тера, фирма на која пред неколку години и беше одобрена изградбата на овие енергетски објекти.

Тој пред одреден период се најде на мета на бројните обвинувања – како станал еден од најбогатите градоначалници во Македонија?

Од Левица тогаш прашува како Ристов го стекнал своето богатство и дали тоа е резултат на долгогодишен труд во приватниот сектор или, пак, на блиски врски со владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

„Како се станува еден од десетте најбогати градоначалници во Македонија? Дали тоа се постигнува со работа и труд во приватниот сектор, или ако си спонзор на ДПМНЕ, па добиваш тендери, хотели и бизнис-привилегии?“ – прашуваа од Левица.

Ирена МУЛАЧКА fokus mk

Back to top button
Close