АД ЕСМ го зголеми производството за 26 отсто во споредба со лани
АД ЕСМ денеска соопшти дека го зголеми производството на електрична енергија за 26 отсто за 11-те месеци годинава во споредба со истиот период лани.
Од јануари до ноември 2022 година, АД ЕСМ со термоелектраните РЕК Битола, РЕК Осломеј, ТЕЦ Неготино, гасната електрана Енергетика, хидроелктраните и системи Маврово, Тиквеш, Црн Дрим и Треска, и Ветерниот парк Богданци произведе 3.673.994 мегават часови електрична енергија што претставува 126 отсто споредено со истиот период во 2021 година, кога беа произведени 2.922.342 мегават часови.
Од АД ЕСМ информираат дека термоелектраните имаат натфрлање на производството од 29 отсто, додека кај хидроелектраните е успеано да се одржи помало производство од планираното се со цел водата во акумулациите да се заштеди за следниот период и електричната енергија да се обезбеди преку другите капацитети.
АД ЕСМ има законска обврска во 2022 година да го снабдува регулираниот пазар со 60 отсто, но, по задолжение од Владата, го снабдува во 100 отсто и по значително пониска цена се со цел да не дојде дo драстично зголемување на крајната цена која ја плаќаат граѓаните.
АД ЕСМ со своето производство целосно ги задоволува потребите на регулираниот пазар, односно домаќинствата и малите потрошувачи.
-Набавките на електрична енергија коишто ги прави ЕСМ Продажба се наменети за дополнителните снабдувања кои се вршат по задолженија добиени од Владата, според кои со дел од преостанатата произведена електрична енергија, а дел набавена, се снабдуваат по пониска цена количините за техничките загуби на енергија во мрежата на Електродистрибуција и во мрежата на МЕПСО, за да не дојде до покачување на крајната цена на струјата за граѓаните, се вели во соопштението.
По одлука на Владата, со субвенционирана енергија, односно со значително пониски цени, се снабдуваат прехранбената индустрија, училиштата и водостопанствата.
По препораки од Владата, ЕСМ Продажба по берзански цени, но со пониска маржа снабдува и одреден број витални објекти, како болници, клиники, детски градинки, министерства и други субјекти од значење за државата.