Адеми: Инсистирањето на Владата да го реотвара прашањето за јазикот само ќе доведе до нови и штетни квалификации
Инсистирањето на Владата на Северна Македонија да го реотвара прашањето за јазикот во Резолуцијата на Европскиот Парламент само ќе доведе до повторно отворање на едно веќе затворено прашање, што резултира со внесување на нови и штетни квалификации, смета пратеникот Арбер Адеми од ДУИ.
Според него, токму Бујар Османи со поддршка на Владата и Собранието го постигнал она што ниту Љубчо Георгиевски во 1999, ниту Заев во 2017 не успеале да го обезбедат за македонскиот јазик.
„Со Меморандумот помеѓу Љубчо Георгиевски и бугарскиот премиер Костов во 1999 година, за првпат беше постигнат компромис за прашањето на јазикот, при што македонскиот јазик беше квалификуван како македонски јазик согласно Уставот. Ова значеше дека самиот јазик се третира како политичка категорија, а не како етногенетска или културолошка реалност. Истата формулација се рефлектираше и во Договорот за добрососедство од 2017 година помеѓу Заев и Борисов, каде повторно македонскиот јазик беше наведен како македонски јазик согласно Уставот. Клучниот и суштински пробив се случи со Преговарачката рамка меѓу Северна Македонија и Европската Унија, кога за првпат – и со согласност на Бугарија, која гласаше за рамката – македонскиот јазик беше признаен без никаква дополнителна квалификација: ниту современ, ниту согласно Уставот, ниту со ѕвездички“,
пишува Адеми на Фејсбук.
Реакцијата на Адеми следи откако Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) го усвои Извештајот за Северна Македонија за 2023 и 2024 година подготвен од австрискиот европратеник и известувач за земјава Томас Вајц во кој на неколку места има референци за признавање на македонскиот јазик и идентитет.
Пред гласањето, бугарските европратеници заедно со европратеници на германската демохристијанска ЦДУ поднесоа неколку амандмани со кои сакаа пред македонскиот јазик да биде вметнат зборот „модерен“. Откако Комитетот ги одби тие амандмани, тие најавија дека ќе ги поднесат на пленарната седница на Европскиот парламент, од 7-10 јули, кога треба да се усвои извештајот.
По ова, премиерот Христијан Мицкоски рече дека не го доживува како победа туку како разочарување предлог-амандманот, оценувајќи го како преседан обидот за, како што рече, создавање вештачка нација и идентитет.